Да се срамат лекарите кои боцкаат деца со опасен лек за да не качат температура, вели Д-р Јовановски


Д-р Александар Јовановски реагира на, како што вели, сѐ почестото давање силен имуносупресант на деца од страна на лекари, како средство за спуштање на телесната температура на детето.

Д-р Јовановски вели дека ова е практика која му штети на созревањето на имуниот систем на децата.

„Утрово ми стигнува прашање во приватна порака од моја блиска роднина, која претходната ноќ поради покачена телесна температура ја носела својата тригодишна ќерка на лекар. Прашањето се однесуваше на тоа која е инјекцијата која детето ја добило за покачената температура (максималната температура била 39,2). Крвната слика и другите инфективни параметри биле мирни. Изговорот за терапијата бил “да не качи детето пак температура”. А зошто да не качи? Што ќе се случи побогу ако мало дете има покачена температура? Веќе некои и претпоставувате, детето е боцнато ампула Лемод (Урбазон) – кортикостероиден препарат со брзо и силно имуномодулаторно и имуносупресивно дејство. И тоа е точно, детето нема пак да ја покачи својата температура. А знаете зошто? Затоа што со помош на овој препарат се “блокира” клеточната комуникација во рамките на нашиот имун систем, па така наместо организмот да добива сигнал дека нешто во него се случува, тој останува “нем” и не ја покачува телесната температура која е единствениот одбрамбен механизам да се спречи размножување на актуелниот вирус и истовремено да се овозможи “зреење” на детскиот имун систем“, напиша д-р Јовановски во објава на Фејсбук.

„Со урбазонот вие можеби ќе спиете мирно сега, ама во наредниот период вашето дете ќе биде изложено на почести инфекции, одложено созревање на имуниот систем и со огромен ризик за сериозни компликации со бактериски инфекции поради имуносупресивното дејство. Драги колеги, сите вие кои боцкате урбазон кај мали деца поради покачена телесна температура не постапувате “lege artis” и треба да ви биде срам од таа постапка“, пишува лекарот, кој е образуван во Италија.

Тој апелира и на родителите, односно на мајките на децата, да не вршат притисок врз лекарите да им даваат лекови кои се опасни за нивните деца.

„Драги мајки, покачена температура на дете се намалува со антипиретици (парацетамол и ибупрофен) и со физички методи на ладење на телото. Немојте заради паника да вршите притисок врз лекарот и да инсистирате на лекови кои се опасни за вашето дете. Во суштина, лекар кој ќе подлегне на вашиот притисок веднаш сменете го, зошто уцена од пациенти и исполнување на нивните желби не е медицина базирана на докази. На крај ќе заборавев: во некои земји за користење на кортикостероид без индикација се сносат последици!“, посочува д-р Јовановски.

Back to top button
Close