Далај Лама полни 90 години, време е да се пронајде наследникот

Далај Лама, роден како Тензин Гјатсо, станал 14-ти духовен и политички водач на Тибетанците на 2-годишна возраст, бидејќи бил препознаен, како што бара будистичката традиција, како реинкарнација на неговиот претходник.

Во 2011 година, Далај Лама се откажа од политичката моќ на својата функција, доверувајќи ја на влада и премиер, кој го избира дијаспората.

Бидејќи Далај Лама во недела полни 90 години, започнаа процеси и консултации за негов наследник.

Прашањето за неговото наследување е клучно бидејќи Тибетанците ја обвинуваат Кина, чии трупи го окупираа Тибет во 1950 година за да го претворат во кинеска покраина, дека сака да назначи свој наследник.

Пекинг го смета Далај Лама, кој избега од Тибет во 1959 година по неуспешното востание против кинеската власт за контрола на хималајскиот регион, за сепаратист. Кина сака да биде таа што ќе го избере наследникот на тибетскиот духовен водач.

Сепак, самиот Далај Лама неодамна изјави, за време на неделата на прославите по повод неговиот роденден, дека неговиот наследник ќе се роди надвор од Кина, во „слободниот свет“ – најверојатно во Индија, каде што тој живее во егзил, и ги повика своите следбеници да го отфрлат секој што ќе го избере Пекинг.

Тибетскиот духовен водач изјави дека единствената што има овластување да ја води потрагата по негов наследник е непрофитната организација Фондација „Гаден Фодранг“ , која ја основал за да ја зачува и поддржи традицијата и институцијата на Далај Лама.

„Изјавувам дека институцијата Далај Лама ќе продолжи“, нагласи духовниот лидер, додавајќи дека само Фондацијата „Гаден Фодранг“ има овластување да ја признае неговата идна реинкарнација, во консултација со раководителите на тибетските будистички традиции.

„Тие треба да ги спроведат процедурите на потрага и идентификација според традицијата… никој друг нема такво овластување да интервенира во ова прашање“, рече Далај Лама.

Досега нема коментар од Кина.

Во Тибет се верува дека просветлените учители повторно се раѓаат за да ја продолжат својата работа. Далај Лама вели дека пред да умре, ќе се консултира со постари монаси и други експерти за да го идентификува детето – момче или девојче – во кое ќе се реинкарнира во следниот живот.

„Ќе го посветам остатокот од мојот живот на доброто на другите“, рече тој на неодамнешниот собир на неговите следбеници, кои се молеа за негов долг живот. Тој додаде: „Ќе создадеме рамка во која ќе разговараме за продолжување на институцијата Далај Лама“.

 

Back to top button
Close