Далечина и блискост, порано и денес
Додека деновиве го коригирав ракописот на мојата прва прозна книга Егејци”, објавена во „Култура” во 1999-та во Скопје, ме натера на размисла еден клучен поим во едно од поглавјата. Се работи за „далечината” во доживувањето на светот во егејските фамилии се‘ до доцните шеесетти. „Далечина” беше збор кој се употребуваше за да се означи нивната болна разделеност од тие членови кои, прво со печалбата, а потоа и со бегалството, беа „расеани” во светот од Русија и Полска, до Америка и Австралија. Особено двава контента за моите егејски роднини го означуваа „крајот на светот”. Затоа што тоа значеше дека меѓу нив стои далечина која се мери со океани.За генерацијата на нашите баби и дедовци, светот беше незамисливо и недофатливо голем.Впрочем, никој од нив не беше заминал ниту на пократко патување, со што нивниот сопствен свет беше многу мал. Тое беше времето кога беше незамисливо да се патува со авион на одмор во најдалечните земји, како што е денес.
Тогаш, се‘ до средината на дваесеттиот век, тој што заминувал на печалба во Америка небаре исчезнувал за ближните дома. Тој можел само еднаш или двапати во годината да испрати фотографија, направена во фотографско студио во Чикаго или во Перт. А и на фотографиите се чекаше долго да стигнат со писмото, понекогаш две-три недели. Сите мои постари роднини, кои имаа некое од децата на печалба, сиот живот сонуваа за тоа тие еден ден да дојдат на „видје”, што е бапчорски израз за посета. Баба ми по мајка не го виде повторно синот што замина во Австралија во 1956-тата година.За неа единствената утеха беа редовните писма, во најдобриот случај, еднаш во месецот.Од двата сина на прабаба ми кои многу млади заминаа во Америка и во Австралија, таа го виде само едниот, после педесет години. Тој заминал во Америка на 20 години, а кога дојде на посета во 1962, имаше 70 години.Другиот син, кој беше заминал во Австралија, никогаш не дојде на посета. Тоа за моите постари роднини значеше живот со постојана тага по своите во далечината.Таа беше судбинска за старите печалбари, која често засекогаш ги раздели од најблиската фамилија. Моите баби не носеа црнина само како вдовици, но и од болка по заминатите во далечината. Блискоста со нив беше можна само во споменот на нив и копнежот по нив.
Светот преобразен од џин во џуџе
Младите од Македонија и денес заминуваат на модерна печалба и на крајот на светот, како што мислеа моите баби за тие што заминаа во Америка. Но, тоа не значи денес, како тогаш, долг молк, полн со копнеж и тагување по своите. Денес на сите ни се чини дека светот, кој за поранешните генерации беше бесконечен и незамислив, стана големо глобално село. Затоа што модерната техника направи луѓето денес да телефонираат со видео-повик, да ја гледаат сета фамилија на видео-конференции, од едниот до другиот крај на светот. Родителите во Македонија, чии деца заминале на печалба, со првото кафе можат на Фејсбук да ја видат фотографијата на првото кафе на синот или ќерката во далечната земја. Небаре модерната технологија како со волшепство да го преобрази светот од џин во џуџе, кое се потчинува на сите наши желби и потреби. Заминатите денес не ги проголтува повеќе молкот на далечината, како што некогаш чувствуваа моите егејски баби. Денешните заминати на печалба имаат можност, со помош на интернетот неколкупати во денот да телефонираат со своите фамилии во Македонија.
Сепак, дали тоа значи дека денешните мајки не жалат повеќе поради далечината која ги дели од нивните деца, како моите баби, затоа што можат да ги видат во мобилниот? Мислам дека човечкиот копнеж да се биде постојано заедно со тие што ги љубиме, со тие што се дел од нас и од нашиот живот, не може да го смири ниту фотографијата, како некогаш кај моите баби, ниту видео-конференцијата, како кај сегашните родители. После секоја нова фотографија, моите баби долго плачеа, затоа што сфаќаа колку време изминало од последната. А тие сакаа тоа време да го живеат заедно со нив. Всушност, и во светот како глобално село остана далечината, затоа што таа ја одзема можноста, времето да се живее заедно со тие што чувствено се повразни со нас. Печалбата ја краде можноста за заедничко време. Ние денес ги гледаме ближните кои се далеку од нас преку Facetime, но ниту тоа не го смирува копнежот по блискост со нив. Што значи, чувството за далечината за тие што тагуваат по своите, остана исто и во модерниот свет.
Површен и мигновен свет
За луѓето на дигиталната техника и на брзите сообраќајни, железнички и авионски врски со светот, светот само навидум стана мал. Тој ја изгуби недофатливоста, што не значи дека тоа е добро само по себе.Затоа што далечината порано будеше тага, но и творечки фантазија. Имануел Кант во осумнаесеттиот век напиша антропологија и ги опиша човечките раси, иако во својот живот ниту еднаш не го напушти родниот Кенингсберг. За нас нема место на земјината топка кое не е достапно, но тоа не значи дека ние го разбираме светот и човекот подобро од Кант. Се чини дека денес светот ја изгуби магичноста, затоа што се‘ е навидум достапано, но, истовремено, се‘ е потчинето на индустријата, на конзумот, профитот и рекламата. Тие ги обликуваат нашите желби и фантазии. Иако веруваме дека сме автономни личности и дека самите одлучуваме за се‘, сепак, нашите навики и претстави за животот се обликувани и од духот на времето. За да ги оствариме нашите желби и фантазии, ние непрекинато го трошиме „светот”. Ние го банализираме светот со нашата површност, одземајќи му ја тајната која за поранешните генерации ја раѓаше токму незамисливата далечина на одредени точки на планетата. Ние го трошиме светот затоа што го претворивме во материјал за исполнување на нашите туристички фантазии и конзумерски фиксации.
Фридрих Ниче пишува во „Веселата наука” дека има толку силна жед за живот, што посакува да ги живее истовремено и животите на другите.Со нас денес владее истата „жед за живот”, но таа е поттикната од модерната индустрија и комуникација. Затоа ние веруваме дека ако стигнеме на најдалечното место, тогаш ќе се смири нашата „жед за живот”, жед за освојување на далечината, а таа жед денес, всушност, немилосрдно го троши светот, природата и ресурсите. Толку многу сме диригирани од виорот од секакви информаци, што немаме време да се прашаме, што се крие зад нашата модерна „жед за живот”, жед за секогаш нови доживувања. Имено, мислата на Ниче го именува метафорично сознанието дека човекот не може да го прифати изминот на времето и својата минливост. Не може да ја прифати својата конечност. Ниту отсутсвото на среќата, сега и веднаш, како што бара човечкиот копнеж по посакуваното. Човекот копнее по далечните цели, затоа што верува дека таму ќе ја заборави менахолијата поради изминот на времето. Затоа што најкарактеристична особина за човекот е токму копнежот. Како радосно чекање да се оствари посакуваното или како меланхолија поради неприсуството во нашето секојдневие на тие што се далеку од нас. Во таа смисла има право Ниче со „жедта за живот”, зашто својствен за човека е копнежот по исполнето време, по обединетост со тие што припаѓаат на нашата биографија. Модерната технологија и комуникација „профитира” од таа наша „жед за живот” и ни нуди се‘ повеќе сурогати кои уште повеќе ја зголемуваат жедта. Така, секој ден се‘ појасно сознавам дека светот не само што го трошиме, правејќи од него село, туку и му ја одземаме длабочината, правејќи го и него површен и мигновен.(dw)
Кица Колбе