Дали 8 Март се претвора во „Валентајн“ за феминистки?
Секоја година мажите се шетаат со букети рози, небаре носат клучеви од некоја посебна тајна соба – „женска среќа“. Чоколади, парфеми, по некој клише-статус на Фејсбук – „Среќен 8 Март, дами!“ – и тоа е тоа, еманципацијата заврши за денес.
Кога жените протестираат – за плата, за репродуктивни права, за еднаква застапеност – некој ќе ги обвини за „бучава“. Кога машките лидери се борат за своите интереси, тоа е „стратегија“. Кога жените го прават истото, тоа е „проблем“.
Дали 8 Март навистина значи нешто или само го продаваат како „Валентајн“ за феминистки?
Еднаш добив честитка со порака: „Ти благодарам што си таква каква што си!“ Беше од колега што истиот ден одржа состанок на кој ниедна жена не можеше да дојде до збор. Интересно, зар не?
Компаниите ни даваат попусти на шминка, козметика и парфеми, но не и на повисоки плати, подобри работни услови или зголемени родителски права.
Светот некако многу сака да ги слави жените – но само ако се убави, насмеани и благодарни.
Секој 8 Март, добиваме доза женска инспирација: „Жените се столб на општеството! Жените се силни! Жените можат сè!“ – но ако жените можат сè, зошто уште се бориме за основни права?
Статистичките податоци покажуваат и дека мал е бројот на жени на раководни позиции. Податоците содржани во публикацијата „Жените и мажите“ на Државниот завод за статистика покажуваат дека од вкупниот број работодавачи во 2021 година, само 19 проценти биле жени.
Покрај честото укажување за родова нееднаквост и прекршување на женските права во институциите, загрижувачка е и појавата на детски бракови – коишто се последица на вкоренетата родова нееднаквост.
Во претходните 4 години, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во 65 случаи има утврдено дискриминација врз основа на род, пол и родов идентитет, а во 46% од случаите е утврден потежок облик на дискриминација.
Во 2024 година, жените сè уште заработуваат помалку од мажите за иста работа. Според последниот извештај на Светскиот економски форум, на сегашното темпо, ќе бидат потребни 132 години за да се постигне економска еднаквост меѓу половите.
Тоа не е рамноправност. Тоа е компромис – и тоа неприфатлив.
Соња Танеска