Дали Алтернатива излегува или останува во Владата – прашање до премиерот Ковачевски

Алтернатива е дел од Владата и е интегрирана во неа и програмски и кадровски, одговари премиерот Димитар Ковачевски на прашањето дали Алтернатива останува или заминува од Владата при евентуален влез на Алијанса за Албанците во неа. Во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, Ковачевски рече дека Алтернатива има два значајни ресора и дека е задоволен од тоа како ги менаџира.

На прашањето од каде се тогаш изјавите на незадоволство од генералниот секретар и од пратеници на Алтернатива дека не се подготвени да го менуваат договорот за владеење со СДСМ, Ковачевски одговори дека имал разговори со претседателите на ДУИ и на Алтернатива, Али Ахмети и Африм Гаши, за окрупнување на мнозинството и за поддршка за носење уставни измени.

„Секој од нас ги кажа своите принципиелни ставови, меѓутоа не стана збор за ресори или за, како што некои медиуми пренесуваа, дека се работело за таен состанок, тоа беше многу јавен состанок“,рече Ковачевски.

За сведочењата од Алтернатива дека на таа средба Ковачевски и Ахмети признале дека имаат проблем со стабилноста на мнозинството и дека затоа има потреба од негово стабилизирање, Ковачевски рече дека немало таков разговор.

„Во медиумите секогаш има голем број изјави. Претседателот на партијата (Африм Гаши, н.з.) беше на состанокот, јас со него и утрово имав разговор на кој продолживме да разговараме за оперативните работи што се важни за функционирањето на Владата. Меѓутоа, ве уверувам дека такво нешто немало, особено не за мнозинството, бидејќи никој не го довел прашањето на мнозинството во парламентот. Ако ги погледнете сите пратеници на дискусиите што се водат и во дел од политичките партии внатре, никој не го довел во прашање владиното мнозинство“, рече премиерот.

Ковачевски рече дека не сака да прејудицира дали е можен исход во кој и Алијансата ќе влезе и Алтернатива ќе остане во Владата.

„Тоа би претставувало договор меѓу сите политички партии и додека таков договор не се случи не можеме да кажеме дека е финално можно сценарио. Меѓутоа, секако дека разговорите ќе продолжат и резултатот ќе зависи од тоа како ќе се постават сите политички актери повторно врз база на принципиелните ставови што ги имаат, програмските определби и кадровските потенцијали“, одговори Ковачевски.

Back to top button
Close