Дали ќе извлечеме порака од ставот на Таравари кој гласи: „Ќе седнам на маса со Села и Али Ахмети само за прашања врзани со Албанците„

Почитувани читатели, мојата колумна „Лице и опачина”, објавена на ден 18 септември 2024 година, предизвика голем интерес кај моите пријатели и следбеници од социјалните мрежи и порталите каде што беше објавена. Интересот и реакциите беа двонасочни, од моите Македонци добив несебична поддршка, од нашите соседи Бугари добив критики дека како Македонец не сум ја разбрал добронамерната политика на Бугарија кон Република Македонија бидејќи според нивни укази тие први ја признале нашата независност како држава. Тоа е чин за кој што имаат огромна благодарност од моја страна. Не можам да го разберам поривот на поединци од Бугарија, кои што тврдат дека во раните 90-ти години ја спасиле нашата држава да биде разделена меѓу Србија и Грција! Во ниту еден момент не споменуваат дека за време на Втората светска војна , Македонија беше под окупација на Бугарија. Истите тие, зборот окупација го заменуваат и идентификуваат со зборот администрација, зборови кои што имаат тотално различно значење. Според нив, под поимот администрација се подразбира дека ние, Македонците, сме ги замолиле да дојдат и да ни ја водат државата како да сме недораснати и беспомошни буквално како „бебиња во пелени”.
Ако намерата им била да ни помогнат во нашето целосно национално и државно осамостојување, тогаш ќе добиеја поддршка за нивната посветеност. За жал, времето на окупацијата која траеше цели 3,5 години за време на Втората светска војна, е време на фашисоидни и задни намери на тогашната бугарска „администрација”. Со своите зулуми покажа на дело дека намерите во ниту еден момент не ѝ биле добронамерни. Армијата партизани од Македонија се приклучи на останатите партизани од бившите ЈУ републики поради гарантирање на нашата национална посебност, јазик и држава.
На Бугарите им било јасно да се биде партизан или по нивни зборови шумкар во тие времиња, била многу храбра и ризична одлука. Партизаните го ризикувале и ставале на отстрел својот и животот на нивните семејства. Стреланите дванаесет деца во селото Ваташа (Кавадаречко) опеани во нашите песни, се длабоко вкоренети во нашата свест. Токму тука е и генезата за недоразбирање со нашите соседи од Бугарија. Ќе ми дозволите повторно да се вратам на моето видување, како да се одбрани нашата македонска посебност како нација, јазик, култура и традиција. Повеќе партискиот демократски поредок, практикуван во Македонија речиси 3,5 децении, е единствената алатка за здраво чекорење кон националното опстојување. Нашата држава е мулти етничка со доминантно македонско население. Живееме со надеж за подобра иднина тежнеејќи кон Европската унија како единствената опција. Во сета таа потрага за подобро утре, ние Македонците сме ставени како ,,монета за поткусурување” пред нашите соседи Грција и Бугарија. Името на нашата држава Македонија ѝ пречи на Грција, кои во основа ја признаваат нашата посебност како нација и јазик, ама не под името македонско.
Грците се убедени дека името Македонија им припаѓа само нив и е дел исклучиво од грчката историја. Жално е ваквото толкување на античката историја. Сите знаеме дека југо-источниот дел на денешна Македонија е најголемата ризница на арте-факти од некогашната античка и моќна држава Македонија. Соседна Бугарија пак, води сосема друга политика која за мене е копнеж за асимилација. Многу е тешко да се асимилира народ кој веќе е оформен со своја посебна култура, јазик, традиција и чувство за припадност. Очигледно државниот врв на денешна Република Бугарија не може да го разбере нашиот силен и непоколеблив порив да останеме Македонци. Не нѐ признаваат како нација, не ни ги признаваат јазикот, културата , традицијата и историјата, убедувајќи нѐ дека сме лабораториски индоктринирана нација, создадена од Белград. Сето тоа е комплетно неприфатливо од нас Македонците.
Што треба да направиме за да опстанеме во вакви дегутантни политички ситуации?
Во изборните циклуси, Македонците како доминантно население во Република Македонија, гласаат за партии со национален предзнак. Вообичаено, двете најголеми македонски партии формираа мнозинство во Собранието и Владата на Република Македонија.
Светската историја не памети негација од своите соседи на име на држава и национална посебност, каква што ние во последните три децении ја трпиме од страна на нашите соседи.
Цело време, токму ние Македонците, плаќаме цена за отстапки кон нашите соседи Грција и Бугарија, како и отстапки кон етничките заедници кои живеат со нас во Република Македонија. Треба да останеме исправени пред мошне сериозен предизвик, а тоа е рамноправно членство во семејството на ЕУ. За жал, уште пред стартот на отпочнување на преговорите за наше членство, бевме и сме условени од соседна Бугарија која е веќе членка на ЕУ.
Барањата на соседна Бугарија се неприфатливи за градење на добрососедски односи. Прв пат во изминатите 3,5 децении, Македонија, посебно ние Македонците им рековме „НЕ” на нашите сојузници, пријатели во светот и соседна Бугарија. Одбивме да ја вметнеме во Уставот бугарската заедница која денес живее во Република Македонија. Длабоко затекнатите односи со соседна Бугарија по ова прашење, се силно демотивирачки моменти кои што го закочуваат процесот на нашето евроинтегрирање.
За соседна Бугарија и нашите пријатели од ЕУ, реципроцитетот меѓу две нации не е прифатлив.
Поради ваквиот некоректен чин, ние Македонците, испишуваме црвени линии. Доколку не ги испишеме црвените линии на долг рок, самит себе ќе си ја ставиме јамката околу вратот.
Мораме да ги користиме алатките кои ги нуди повеќепартискиот систем на функционирање во државата. Македонските партии мора да ги испишат своите црвени линии од кои нема отстапување. За жал такво нешто во моментов меѓу најголемите политички партии нема.
Неодамнешниот став на вицепремиерот Таравари, прочитан во медиумите, мене ми остави голем знак прашалник како се гради нашето мултиетничко општество.
Го цитирам: „Ќе седнам на маса со Села и Али Ахмети само по прашања врзани за Албанците”, (партии од опозицијата). Таква или слична изјава не слушнав од лидерите на македонските партии! Ова прашање е многу суштинско за самобитноста и опстанокот на Македонецот.
Замислете, Таравари со лидерите на опозицијата во Албанскиот блок ќе седне на маса каде ќе го разгледуваат интересот на Албанците во Република Македонија. Албанците немаат немаат никаков проблем во светот врзан околу нивната посебност, јазик, култура и традиција.
Партија која денес најсилно го брани националниот интерес на Македонците е ВМРО-ДПМНЕ. Таа мора одбраната на нашата национална посебност да ја имплементира во политичкото секојдневие. Можеби ќе звучи арогантно, ама во основа многу практично и јасно е дека нема да правам Влада со партии кои не ме поддржуваат во мојата борба за мојот национален опстанок! Ако градиме мулти-етничка држава, тогаш е неопходно сите етнички заедници во државата да застанат зад ентитетот кој што се брани од нашите соседи и надворешниот свет, а тоа сме ние Македонците. Ова е историски момент на останатите етнички заедници во Република Македонија безусловно да застанат зад нас Македонците во одбрана на нашиот национален идентитет. Токму во вакви моменти се градат најсилните односи меѓу етникумите во една држава кои што треба да влеваат доверба и просперитет за градење заедничка иднина.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close