Дали ги чуваш внуците? Не благодарам, во оваа доба си го сакам животот без обврски!
Верувањето дека мајките треба да се фокусираат само на своите деца повеќе не е општоприфатено. Но, кога станува збор за бабите, традиционалните идеи сè уште се негуваат. Дури и уште построго.
Констанс си ги исполнува деновите со музика. 77-годишната лондончанка студира и свири класично пијано. За да остане вклучена во својата заедница, таа волонтира во локални уметнички проекти, локална градина и иницијатива за орална историја.
По кариерата како професионалец за ментално здравје, тоа што Констанс го сака од пензионерскиот живот е да продолжи страстно да се занимава со активности кои ѝ значат. (Името ѝ го променивме за да ѝ ја зачуваме приватноста).
„Најважна за мене е мојата страст за градење поправеден и помалку насилен свет во кој луѓето се грижат за планетата“, вели таа.
Но, таа има забележано дека многу луѓе ги проектираат своите претпоставки врз неа – очекувања дека секој постар човек, особено жените, треба да се чувствува исполнето од внуците и првенствено да биде фокусирани на нив.
Констанс ги обожава своите три внучиња, но не сака да се пресели поблиску до нив, отприлика два часа возење северно од Лондон. „Не сакам да правам компромис и да ги жртвувам моите интереси за да ги чувам внуците, освен ако не е некој итен случај“. Нејзиниот син би сакал да ја има како сосетка, но не ѝ врши притисок, вели Констанс: „Всушност, притисокот доаѓа од луѓето околу мене“.
Пријателите на Констанс, иако се опишува како тврдокорни феминистки, се однесуваат како секоја баба да треба да сака да ја помине секоја возможна минута со своите внуци. Тие пријателки се судат една со друга ако одберат соло-патување наместо семејни празници.
„Постои дури вид натпревар за колку внуци имаш“, вели таа. „Што повеќе имаш, тоа подобра си. Се чувствувам амбивалентно кога слушам луѓе што велат дека не можат да си ја замислат иднината без внуци или дека се згрозени од тоа што нивните деца немаат деца“, додава Констанс.
Отстуството на внуци може да предизвика жалење или збунетост.
„Добивам нажалени погледи од пријатели, сите од кои имаат дузина внуци, секојпат кога ја почнуваме темата“, вели Мери, 73-годишна пензионерка од Сидни која сака театар и пишување. „Некои ќе искоментираат колку е тажно што таа нема внуци“, вели Мери. Признава дека би сакала да има уште една шанса да расте деца, со лекциите кои ги има научено додека била мајка. Но, таа е далеку од разочарана што нема внуци: „Го обожавам мојот живот без обврски“.
Верувањето дека мајките мораат да се фокусираат единствено на децата и да поминат малку време на професионални или лични интереси не е повеќе општоприфатено. Но, кога станува збор за бабите, сè уште се негуваат традиционалните верувања.
Како баба, забележува Констанс, „старите стереотипи се враќаат и можеш да се најдеш себеси под очекување да ги приоретизираш внуците, да ги жртвуваш интересите и да си го скратиш денот само за да бидеш негувателка“.
„Не сме тука само за да имаме деца и да ги растеме идните генерации… Зошто луѓето се чувствуваат дека животот не е за постарите?“, се прашува Констанс. „Знам дека јас не се чувствувам така“.
За жени како Констанс, притисокот доаѓа од идејата дека вредноста на жената е врзана за нејзината улога на негувателка, што исто така ги минимизира сите останати начини на кои таа придонесува во општеството. Според старите родово-есенцијалистички норми, жените се пред сè ентузијасти за растење деца.
Очекувањата дека грижата за децата треба да го дефинира животот на постарите жени е политички поволно. Во САД, програмите за грижа за деца се одвај финансирани со години. Тоа оставило многу семејства, особено од маргинализираните заедници или оние кои се грижат за деца со инвалидитет, без пристапна и веродостојна поддршка. Тоа значи дека родителите имаат вистински потреби за грижа за деца кои се тешки да се задоволат. Па, се очекува бабите и дедовците да бидат во позадина, подготвени да се втурнат во акција како неплатена општествена безбедносна мрежа, забележува Ванеса Меј, професорка по социологија и ко-директорка во Морган центарот за истражување на секојдневниот живот при универзитетот во Манчестер.
Во 2020 година, на поткаст, ЏД Ванс се согласи со водителот Ерик Вајнстајн дека „целта на постменопаузните жени“ е да понудат грижа за внуците, наведувајќи ја својата маќеа како пример бидејќи ја паузирала кариерата како професорка по биологија на универзитетот во Калифорнија во Сан Диего, за да им помогне да ги пораснат децата.
„Нашето индивидуалистичко општество секогаш ја потценувало грижата, а огромното количество неплатен труд што жените го правеле низ историјата поминува некомпензирано и игнорирано“, вели Дарби Саксб, асистент професорка по психологија и директорка на универзитетот во Северна Калифорнија.
„Овој неплатен труд не е само семеен проблем, тоа е невидлив темел на модерната економија. Во Велика Британија, на пример, бабите и дедовците им заштедуваат повеќе од 70 билиони долари годишно на родителите. Тоа го прават преку неплатен труд (грижа за деца) што некогаш е физички захтевен, работа која ја поддржува економската стабилност на државата, а поминува незабележана“.
Претпоставувајќи дека постара жена нема ништо значајно во животот освен нејзините семејни должности, „звучи како политички бран кој оди против добивките на жените во аспект на права и еднаквост – јасен обид да се стават жените во семејната кутија, под власта на мажот“, вели Меј.
Kоментарите на Ванс, импликациите дека постарите жени немаат што да прават освен да се грижат за внуците, за Роуз се луди. Името на Роуз е променето за да се заштити приватноста. Таа е пензионирана корејско-канадска економистка со две внучиња.
„Можам да се сетам на илјадници нешта“, додава таа. Вели дека вклучување во заедницата, главно преку непрофитни организации кои вклучуваат женска едукација е еден од најисполнителните аспекти од нејзиниот живот, заедно со патувањето, поминувањето време во природа и истражувањето нови визуелни уметнички форми, како калиграфија.
„Жените прават добро преку нивната работа. Има многу жени во политичкиот и економскиот живот, во пазарот на трудот“, забележува Меј. Дополнително, „ако маж нема деца или внуци, дали се мисли дека не ја исполнува улогата кон општеството на правилниот начин? Зошто е тоа така?“
Културолошкиот разговор околу внуците или недостатокот на внуци често се фокусира на постари жени, притискајќи помлади жени да имаат деца, молејќи за семејно наследство или нетрпеливо чекајќи мали бебешки прстиња и образи. Сепак, искуствата на Констанс и Мери на осуди од заедницата покажуваат колку постарите жени исто така се соочуваат со строги општествени очекувања и притисоци (а некои и самите ги имаат) за тоа како треба да изгледа нивниот живот.
Сè поголем број возрасни одлучуваат да немаат деца. Бројката на возрасни под 50-годишна возраст, без деца кои велат дека никогаш нема да имаат се зголеми од 37 отсто во 2018 до 47 отсто во 2023 година. Сè повеќе возрасни ќе бидат без внуци и потенцијално чувствувајќи се како „отстапка во нивните општествени кругови“,вели Меј.
Бидејќи во многу кругови мајчиството се гледа како врвот на женскоста, немањето внуци може да се смета како причина за жалење, додава Меј, велејќи: „Мислам дека е врзано за идејата дека ако си ги израснал добро децата, и тие ќе треба да ја пополнат должноста со тоа што самите ќе имаат деца“.
Бидејќи генерациските очекувања се менуваат, некои постари возрасни може да се борат да го сфатат своето место под сонцето и да се грижат дека „независните одлуки на нивните постари деца се одразуваат на нивниот општествен статус“, вели Меј. „Денешните постари родители се како пионери кои се обидуваат да сфатат како да се живее со целосно различни очекувања, и од себе и од останатите“, додава таа.
Приспособувањето на промената на нормите може да биде тешко. „Луѓето мораат да се способни да изразат каење и да прифатат што не функционира за нив и нивниот животел стил“, вели Керол Мерл-Фишман, психотерапевтка од Њујорк со интерес за темата на транзицијата во баба или дедо. Пристигнувањето на внуците може да наруши пријателства како што пријателите се преселуваат за да бидат поблиску до семејството или, пак, можеби бабата или дедото не е емотивно или физички подготвен да се грижи за деца.
Жените немаат многу дозвола да зборуваат кои делови од растењеето деца не им се допаѓаат, вели Мерл Фишман
Претпоставката дека да се биде баба е повик може да биде отуѓувачка за оние кои имаат поамбивалентни чувства. Oткако децата на жената ќе пораснат, како очекувањето да се ресетира: еве уште една улога која треба да ја исполните, уште еден начин да бидете корисни, а оние кои не се чувствуваат исполнети од тоа или би сакале да ги поминат деновите правејќи нешто друго, мора да се „на погрешниот пат“. Но, жените кои имаат амбивалентни чувства не се „надвор од ритамот“. Тоа што е чудно е претпоставката дека вредноста на жената е врзана за следната генерација на семејството.
Во книгата на социологот д-р Орна Донац од 2017 година, „Жалење поради мајчинството: Студија“, една мајка на три деца по име Скај признава: „За мое добро, се надевам дека моите деца нема да се омажат и да имаат деца. Ме плаши; не го сакам тоа во мојот живот. Ако имам внуци, тогаш ќе бидам обврзана и приморана повторно да правам работи кои не сакам. […] Тоа само ќе ме оптовари“. Ако поминувањето време со внуците „е местото од каде што извлекувате 100% од вашето исполнување и задоволство, тогаш направете го тоа“, вели Роуз. „Но, од друга страна, не мислам дека луѓето треба да се чувствуваат виновни ако чувствуваат дека сакаат малку време и живот за себе во пензија.“
„Мојата желба за жените е да имаме време во нашите животи кога ќе можеме сами да донесуваме одлуки“, вели Ив Родски, автор на книгата „Праведна игра“ од 2019 година и застапник за родова еднаквост. „Дека општествените очекувања не ги носат нашите одлуки за нас, туку дека ние можеме вистиснки да носиме наши одлуки.“
Адриен Матеи
Превод: Филипа Сара Попова
Извор: Guardian