Дали кавгата на Трамп и Маск претставува ризик за берзите?
Неуспешната „броманса“ меѓу Трамп и Маск има потенцијал да влијае негативно врз берзите. Нестабилноста на пазарите би можела да се зголеми уште повеќе.
Германскиот индекс Дакс на крајот на работната недела бележи пад од 0,2 проценти, односно денеска напладне падна на 24.279 поени. Пазарните набљудувачи го посочуваат претстојниот извештај за пазарот на трудот во САД како фактор на неизвесност. Но, крајот на „машкото пријателство“(т.н. броманса) меѓу Илон Маск и Доналд Трамп, исто така, ги држи инвеститорите во неизвесност.
По континуираните критики од страна на Маск, Трамп вчера се закани со финансиски последици за милијардерот. „Најлесниот начин да заштедиме милијарди и милијарди долари во нашиот буџет е да ги скратиме владините субвенции и да ги откажеме договорите на Илон“, напиша американскиот претседател.
На оваа фото-илустрација се прикажани објавите на социјалните мрежи од американскиот претседател Доналд Трамп и Илон Маск На оваа фото-илустрација се прикажани објавите на социјалните мрежи од американскиот претседател Доналд Трамп и Илон Маск
Реакцијата на берзите беше брза: акциите на компанијата Тесла вчера (5.06) паднаа за околу 14 проценти, уништувајќи над 150 милијарди долари пазарна капитализација – најголемата загуба во историјата на акциите на Тесла. Падот на цената на акциите на пионерот на електрични автомобили, исто така, ги повлече надолу главните индекси како што се С&П 500, Насдак 100 и Насдак Композит – каде што акциите на Тесла имаат значителна тежина.
Владина криза би довела до превирања на берзата
„Со изјавата дека името на американскиот претседател се наоѓа и во документите поврзани со случајот Епстин – осудениот сексуален престапник кој си го одзеде животот во затвор – сега започнатата борба во кал претставува ризик за финансиските пазари“, нагласува стратегот на пазарот на капитал Јирген Молнар од брокерската куќа РобоМаркетс.
Според него, инвеститорите сега мора да очекуваат зголемена нестабилност на берзите. Доколку проблемот ескалира во сериозна владина криза во САД, вчерашниот пад на акциите на Тесла би бил само почеток на подлабоки превирања на глобалните финансиски пазари. Во најлош случај, покрај големи загуби на берзите, може да се очекува и распродажба на доларот и на американските државни обврзници, смета Молнар (dw)