Дали кредитот од ММФ доцнеше поради „Бехтел и Енка“ – одговара премиерот Ковачевски

Премиерот Ковачевски вели дека на средбите што ги имал со директорката на ММФ се разговарало за повеќе проекти, вклучувајќи го и оној со „Бехтел и Енка“, и дека во ММФ се увериле дека тој ќе биде направен врз основа на анализа на независна консултантска куќа која ќе и биде советник на Владата
Нормално е дека сите проекти што ги има државата се разгледуваат од ММФ, а она што е важно за проектот за коридорите 8 и 10 е дека тие се уверија дека тој ќе биде направен врз основа на анализа на независна консултантска куќа која треба да биде советник на Владата, одговори премиерот Димитар Ковачевски на прашањето дали кредитот од ММФ доцнеше поради забелешки од влијателна земја членка на ЕУ и на НАТО за некомпетитивната процедура во која државата влегува во договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на неколку автопатски делници.

Северна Македонија уште во април оваа година побара заем од Меѓународниот монетарен фонд преку линијата за претпазливост и ликвидност, а директорката Кристалина Георгиева тогаш изјави дека е подготвена да му предложи на Бордот на директори на ММФ да го одобри кредитот. Но, информација дека ММФ и одобрува заем на земјава од 530 милиони евра стигна дури во понеделникот.

Премиерот Ковачевски, гостувајќи во „360 степени“, рече дека на двете средби што ги имал со директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, се разговарало за повеќе проекти, вклучувајќи го и оној со „Бехтел и Енка”.

„Она што е важно за коридорите 8 и 10Д, кој со закон донесен од Собранието ќе го гради ‘Бехтел и Енка’, кои имаат успешни проекти во регионот, во Србија и Косово, кои може да се видат како реализирани проекти, беше анализиран од сите аспекти. Тие се уверија во договорот, во тоа дека ќе биде направен врз основа на анализа на независен избор на меѓународна консултантска куќа која ќе биде советник на Владата во однос на детализирање на договорот, а дополнително ќе биде вклучен и нашиот факултет за градежништво”,одговори премиерот Ковачевски.

На новинарската констатација дека загриженоста кај ЕУ за овој проект, поради заобиколување на законот за јавни набавки, може да се прочита и од последниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија, премиерот Ковачевски рече дека Владата и изведувачите ќе треба да ги уверат земјите членки на ЕУ дека овој закон ќе резултира со изградба на автопати кои ќе бидат значајно инфраструктурно поврзување со Албанија и пристаништето Драч.

Прашан – ако главната гаранција треба да ја обезбеди консултантската фирма, како се случи во првиот наврат да биде избрана хрватска фирма со руски сопственик, која имаше домашен партнер со седиште во едно велешко село и која, на крај, не успеа да обезбеди банкарска гаранција, премиерот одговори:

„Таа куќа е реномирана и има работено на големи проекти во регионот. Тие се пријавија на тендерот и победија, но проблемот настана кога таа не можеше да обезбеди банкарски гаранции затоа што нивните средства беа во ‘Сбербанк’ во Русија, која е под санкции на Европската Унија. Хрватска е членка на ЕУ и нивното седиште е таму. Откако тие не известија дека не можат да поднесат банкарска гаранција, тендерот беше поништет и беше отворен нов”.

Премиерот се уште очекува изградбата на автопатите да започне до крајот на годинава, веднаш штом се избере нова консултантска компанија.

Back to top button
Close