Дали осаменоста е закана за демократијата?
Психолозите осаменоста ја дефинираат како перцепирана несогласност меѓу посакуваните и реалните социјални односи и по тоа таа се разликува од општествената изолација. Статистиката покажува дека во Германија најмногу се погодени младите луѓе, односно четвртина од младите на возраст меѓу 18 и 29 години велат дека често се чувствуваат осамени.
Министерката за семејство на Германија, Лиза Паус од партијата на Зелените осаменоста ја опишува како едно од најважните прашања на нашето време, не само заради ризиците за здравјето, вклучително и поголем ризик за срцеви болести, туку и затоа што ја поткопува општествената кохезија.
Студијата „Исклучително осамени”, дел од проектот Колект кој се финансира од Министерството за семејство, сугерира дека осаменоста може да претставува закана за демократијата.
Научниците открија врска меѓу осаменоста и антидемократските ставови – склоност кон популизам, верување во теории на заговор, авторитарни ставови и одобрување на кршењето на политички правила и насилство.
„Ова не се причинско-последични врски, но постои корелација“, вели Клаудија Ној, социолог и една од авторките на студијата.
Луѓето кои подолго време се осамени почнуваат да го доживуваат светот понегативно, како мрачен и опасен – помалку им веруваат на другите луѓе, но и на своето опкружување и на демократските институции.
Тоа е приблем, смета Ној, бидејќи поддршката на демократијата зависи од тоа колку силно некој се чувствува поврзан со општеството како целина.
„Копнежот за заедница и натаму секако е многу силен. Во нас веројатно е длабоко вкоренето да не можеме да преживееме без други луѓе“, вели таа. Десничарски популистички или десничарски екстремистички партии нудат чувство на заедништво и истовремено користат наратив на страв – „придружете ни се и ќе бидете дел од нашата заедница’ е нивната порака.
Осаменоста е само еден од многу ризични фактори
Габриела Гробарчикова (25) вели дека имала 15 години кога прв пат се почувствувала осамена.
„Се чувствував дистанцирана од други луѓе. Имав чувство дека имам многу луѓе околу мене, но недостигаше чувството на вистински релации со нив “, рече таа за ДВ.
Гробарчикова рече дека немала стабилен семеен живот и дека и било тешко да одржува долгогодишни пријателства, но дека чувството на поврзаност го нашла преку политиката. Смета дека благодарение на тоа што нејзините родители се приврзаници на левиот центар, таа не развила антидемократски или екстремистички ставови.
„Осаменоста е состојба во која постои силна, неисполнета желба за заедништво. Јас таа желба ја остварив преку политичкиот ангажман и активизам, во локалните заедници, социјалдемократските кругови“, посочува таа.
Дали порано беше подобро?
Меѓутоа не постојат емпириски докази кои би сугерирале дека младите луѓе денес имаат политички поекстремни ставови отколку претходните генерации, вели Бјорн Милбрат, социолог и експерт за радикализација меѓу младите од Германскиот институт за млади.
„Денес се стекнува впечаток дека младите луѓе стануваат сѐ порадикални. Но, внимателно со тоа, од секогаш имало радикални или екстремистички движења на младите“, вели Милбрат за ДВ.
Тој потсеќа на бранот насилство од десничарски екстремисти на почетокот на деведесеттите по повторното обединување на Германија и на студентското движење во Западна Германија од 1968 година. Истражувањето покажува дека веројатноста млада личност да се радикализира зависи од многу фактори, а не само од осаменоста. Во тоа може улога да игра и социоекономската позадина, нестабилен живот во семејството, слабо развиено критичко размислување и изложеност на мизантропски ставови.
„Не постои само еден фактор. „Мислам дека е многу важно да се нагласи тоа, бидејќи во јавната дебата често има тенденција да се гледа на радикализација на многу еднодимензионален начин, дека ТикТок е еден од главните фактори, кои ги радикализираат младите“, вели тој.
„Но, она што секогаш мора да го кажете е дека луѓето се особено радикализирани на ТикТок ако веќе се приемчиви за одредени идеологии или ставови“, додаде Милбрат.
Важно е да се биде внимателен во врска со екстремизмот меѓу младите, рече Милбрат, посочувајќи на студијата за млади на Шел од 2019 година, која покажа дека околу една третина од младите луѓе имаат тенденција кон десничарски популизам.
„Тоа беше многу алармантен резултат и мислам дека сè уште е така“, рече тој. „Има избори каде партијата Алтернатива за Германија (АфД) добива многу значаен процент од гласовите на млади луѓе. Тоа се предупредувачките сигнали што постојано ги добиваме“.
Младите повеќе да се вклучат во политиката
Што се однесува до младите, справувањето со осаменоста е само еден дел од поширокиот спектар на решенија потребни за да се спречи развивањето на екстремистички ставови, смета Милбрат. Тука се клучни политичкото и граѓанското образование во училиштата, свесноста за историјата на нацистичкото минато на Германија и чувството за влијание во рамките на демократскиот процес.
Авторите на студијата Колект рекоа и дека политичарите и граѓанските групи треба да го направат политичкото образование достапно за сите и да создадат повеќе можности за младите да учествуваат во демократските процеси.
„Мислам дека можете да го освестите општеството како целина – што вусшност значи кога на генерацијата што наскоро ќе дојде на моќни позиции ќе и кажете дека нивното мислење не е важно. Може да се направи нешто по ова прашање“, рече Милбрат.