Дали политиката на три деца во Кина е само евтин блеф

Си-Ен-ЕН, Атланта

Откако Кина им дозволи на двојките да имаат трето дете, следуваа голем број полемики, но и едно прашање – зошто воопшто некогаш и го ограничуваше бројот на деца.

За време на спроведувањето на политиката на едно дете, на етничките малцинства, вклучувајќи го и ујгурското малцинство во Синџијанг, му беше дозволено да имаат најмногу три деца, а владата изјавуваше дека со тоа ја почитува културната традиција за големи семејства, пренесува Си-Ен-Ен.

Некои Ујгури ја надминаа таа бројка и во многу случаи тоа беше толерирано.

Огромен пад

Но, кога кинеската Влада ги почна своите акции во Синџијанг во 2017 година, што подразбираше испраќање милиони Ујгури во огромниот комплекс на притворски центри, истовремено беа заострени и политиките за планирање на семејството. Меѓу 2017 и 2018 година, стапката на наталитет се намали за една третина, од 15,8 на 1.000 лица на 10,7 на 1.000 лица.

Во септември 2020 година, кинеската Влада падот на наталитетот го припиша на „сеопфатното спроведување на политиката за планирање на семејството“.

Во време кога кинеската Влада очајно се обидува да го зголеми наталитетот, стерилизациите во регионот се зголемија на 243 на 100.000 луѓе во 2018 година, според официјалните владини документи цитирани од истражувачот од Синџијанг, Адријан Зенц.

И додека употребата на ИУД уредите за контрола на раѓањето во Кина опаѓаше меѓу 2016 и 2018 година, Зенц наведува документи кои покажуваат дека во Синџијанг тој се искачил на 963 на 100.000 луѓе.

Манипулација со стерилизацијата

Ујгурките кои оттогаш го напуштиле Синџијанг наведуваат дека биле подложени на присилна контрацепција и стерилизација. Во својот извештај, Зенц ги цитира упатствата на официјалната кинеска Влада, почнувајќи од 2017 година, со кои се повикуваат администраторите „жестоко да ги напаѓаат однесувањата што го нарушуваат планирањето на семејството“.

Од таа година, малцинските региони почнаа „посебна кампања за контрола на кршењето на правилата за раѓање“.

Ееден етнички ујгурски лекар, кој избегал во Турција, во 2020 година изјави дека од 300 жени Ујгурки кои ги прегледал од Синџијанг, околу 80 биле стерилизирани. Многу од нив не ни знаеја што им е направено. Властите постојано ги негираат обвинувањата за присилна контрацепција и стерилизација.

Претходно, државните медиуми високиот наталитет во Синџијанг го нарекоа верски екстремизам, а намалената плодност ја претставија како победа за слободите на жените.

Одлуката е само блеф

Експертите велат дека е малку веројатно дека наскоро ќе се олабават правилата за малцинствата.

-Доколку универзално ги укинете ограничувањата за раѓање, ќе се загуби оправдувањето за заострување на политиките за контрола на раѓањето против одредени сектори од кинеското општество, кои не им се допаѓаат, вели Карл Минзнер, професор по право на универзитетот Фордам.

Одржувањето на контролата врз наталитетот во Синџијанг не е единствената причина зошто кинеската Влада ги задржа ограничувањата за три деца по семејство.

Експертите велат дека целосна аболиција би предизвикала главоболка во Пекинг бидејќи би морал да најде работа за десетици илјади луѓе вработени во владата за надгледување на масивната политика за планирање на семејството.

Истовремено, со отстранување на границите ќе се елиминира еден од многуте начини на кои кинеската Влада може да го контролира своето население, принудувајќи го Пекинг да најде друга причина за спроведување на интимен надзор врз домашното население.

Back to top button
Close