Дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денес ќе се охрабрат да поддржат надзорна расправа за Кочани?
Денес на дневен ред на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот како единствена точка на Дневен ред ќе се најде Иницијативата на пратеникот и претседател на Комисијата, Димитар Апасиев, за одржување надзорна расправа за трагедијата во Кочани и институционалните пропусти што довеле до неа.
Станува збор за трет обид на пратеничката група на Левица да отвори транспарентен парламентарен процес на утврдување одговорност. Дали расправата ќе се одржи или не – ќе зависи пред сѐ од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои на седницата на 4 јуни, заедно со пратениците од ВРЕДИ и ЗНАМ, гласаа против ставањето на оваа точка на дневен ред.
Претходно, на почетокот на април, пратеникот на Левица Борислав Крмов како избран пратеник од Изборна единица 3 поднесе иницијатива за надзорна расправа, но истата не доби поддршка од ниту еден друг пратеник надвор од редовите на Левица, односно доби само шест потписи, а беа потребни најмалку 15 потписи за да влезе во процедура.
Од Левица повторно апелираат до владејачкото мнозинство да не го блокираат овој процес, кој е прашање од суштински јавен интерес. „Обврската за отчетност не е политичка опција, туку демократска должност. Граѓаните, особено кочанчани, заслужуваат одговори. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денес имаат шанса да докажат дека немаат што и кого да кријат”- се вели во соопштението на Левица