Дали во војна имаме право на цензура?

Велат, во војна, први жртви се слободата и вистината. По руската инвазија на Украина, изгледа дека оваа поговорка добива нова тежина и смисол. Она што поминува можеби помалку забележано во целата хуманитарна трагедија околу безумната инвазија е информациската војна, која се одвива пред очите на светот, со истата жестина со која и артилеријата пука на Киев и Мариупол.

На Русија не ѝ оди добро војната во Украина, од повеќе причини. Прво, заземањето на клучните градови се развлече далеку повеќе од она што беше нивен тактички план на почетокот. Второ, иако немаме точни податоци за тоа како напредува нивниот теренски воен план, едно знаеме – Путин информациската војна ја губи со интензивно темпо, а тоа има реални реперкусии во неговата политика и стратегија. Зеленски стана херој, а потресните слики од Украина ја мобилизираа светската јавност во обем кој досега не сме го доживеале. Како резултат на тоа, безмалку целиот свет (со мали исклучоци) ја осуди руската инвазија на Украина, ЕУ се хомогенизираше без преседан, дури и приватни компании прекинаа соработка со Русија, а земјите (како Србија) кои кокетираа со Русија, беа приморани да изберат страна. Севкупно, војната на терен трае, но информациската војна е веќе загубена за Путин, а по сѐ изгледа, таа е предвесник на вкупните состојби кои следат.

Во обид да се спротистави на овој феномен, Путин забрани повеќе медиуми, социјални платформи и делумна слобода на говор во Русија, каде на пример, од пред неколку дена, претставува вербален деликт конфликтот да се нарече „војна“. Во одговор, повеќе земји (како и ние), престанаа да ги пренесуваат RT и Спутњик, потег кој од неколку места беше наречен цензура, и донесе загриженост за слободата на информацискиот простор. Иако немам амбиција да бидам конечен арбитер во оваа ситуација, би сакал да укажам на неколку аргументи кои можеби, во овој—како што го нарекува Илон Маск—апсолутизам на слободата на говор, сме ги превиделе.

Улогата на медиумите

Прво, да ги споредуваме CNN и RT не е благодарно. Сепак, кај „западните“ медиуми, уредувачката политика, начинот на информирање, како и начелото за објективност, се поразвиени одошто кај пропагандната машинерија на Кремљ, и едноставно, не се во истата лига. Не може, под начелото на плурализмот, да инсистираме на „пет минути за Хитлер, пет минути за Евреите“, како што се шегува Орданоски. Кога две страни тврдат нешто целосно спротивно, како на пример „надвор врне“, и „надвор е сончево“, не е работа на медиумот двете страни да ги прикаже подеднакво, туку да отиде до прозорецот и да види што се случува. Оттаму, оваа војна нема две страни кои „подеднакво имаат право на свој простор“, туку има агресор и жртва, и ние не смееме тие две да ги изедначиме.

Второ, „медиумите“ чија содржина е сега забранета, не се медиуми. Тоа се државно, најверојатно и воено, финансирани машинерии за пропаганда, па со тоа, не можат да ги уживаат истите права како и „регуларните“ медиуми. Најголемиот трик кој центрите за дезинформација успеаа да го направат, е да се сокријат под камуфлажата на нормални медиуми, феномен кој постои и кај нас и во светот. Така, со оваа мимикрија, тие ја добиваат целата заштита на фелата и демократските центри, која всушност не ја заслужуваат ниту им следува. Оттаму, не можеме забраната на таквата, во основа лажна, содржина, да ја третираме како ништо друго, освен чистење на медиумскиот простор. Не може кога Facebook чисти содржина од својата платформа, тоа да биде војна против дезинформации, а кога кабелските оператори го прават истото, да биде напад кон слободата на информирање.

Украинци се враќаат во татковината за да се борат
Трето, ова е војна, а руските медиуми се оружја. Во војна, има многу жртви, и не треба да бидеме изненадени што таквиот конфликт се пренесе и на медиумите. Имајте предвид, дека следењето руски медиуми, подеднакво и помага на руската воена машинерија како и купувањето руска нафта или гас. Тука човековите права се латерална дискусија, кои се разбира дека се повредени, зашто зарем Русите немаат право на МекДоналдс, или на компјутерски чипови, или да патуваат секаде во светот? Сепак, нивните водачи, а не светот, со постапките од последните две недели, ги донеле во ситуација тие права да ги изгубат, а граѓаните, се додека ја поддржуваат таквата политика, одбрале дека поробувањето на Украина им е поважно од вистината.

На крајот, не е спорен фактот дека подобро ќе беше „Западот“ да не беше доведен во ситуација да размислува за укинување на медиумски канали, па колку и да беа тие пристрасни. Но, мантрата и пискотниците дека тоа е вовед во цензура, сепак се малку преуранети. Не верувам дека државите кои пристапија кон овој чекор, под превезот на војната, имаат задна намера од тоа да направат општа цензура на содржина. Затоа, мислам дека лелекањата околу слободата на пропаганда се претерани. Ако едните имаат право на пропаганда, другите, особено во војна, имаат право на цензура.

Петар Арсовски
извор: ДВ

Back to top button
Close