Дали замрзнувањето на цените е добра идеја   

Помеѓу повеќето мерки за справување со актуелната криза кои им стојат на располагање на владите, се чини дека оние од блиското окружување, вклучително и македонската влада, најлесно и со најголемо задоволство се одлучуваат за замрзнување на цените на одредени прехранбени артикли. Задоволството е речиси сеопшто, владата реализира одредена мерка која изгледа неопходна, плебсот, се разбира, секако задоволен од грижата на владата во услови на се послаба куповна моќ. Популизам вклучен на најјако. На прв поглед изгледа без малку па идеално. Само што не е.

 

 

Во наши услови е неблагодарен потфат да се обидеш да објасниш што има лошо во тоа цените на основните прехранбени артикли да се замрзнат и да бидат што поефтини. Сепак да се обидеме. Проблемот започнува од самиот факт што прехранбените артикли се производи како и сите други, значи и за нив важат пазарните принципи во формирањето на цените, пред се трошоците и понудата и побарувачката. На сите им е јасно дека последнава година трошоците за сите производи, а особено за некои како прехранбените, се значително зголемени, а зголемените трошоци мораат адекватно да бидат изразени и во продажната цена. Ако нешто чини 10 денари не можеш производителот и трговецот да ги натераш да го продаваат по 8. Иако изгледа дека може. Се заборава дека зад производството на тие артикли стојат конкретни фирми кои мораат, во услови на пазарна економија, да ги покријат сите трошоци, вклучително и платите на нивните вработени, па и да остварат одреден профит. Соочени со административно одредување на цените тие имаат главно две можности. Да го запрат производството или да продаваат неквалитетни производи, произведени од неквалитетни суровини или со истечен рок, набавени по пониски цени.

Дури и во СФРЈ, која беше декларирано социјалистичка држава, цените се формираа претежно слободно, а кога интервенираше државата, интервенциите беа дебакл. Повозрасните веројатно се сеќаваат на осумдесетите години, после смртта на Тито, кога беа замрзнати цените на повеќе артикли и кога тие артикли ги снема од продавниците па се воведоа и купони за нивна набавка. На тој начин доаѓа до израз перверзниот облик на инфлацијата, ако се обидеш вештачки да ги замрзнеш цените, производите исчезнуваат. Во моментов е актуелен недостатокот на шеќер во Србија откако цената беше замрзната, а Србија вообичаено произведува големи количини од овој производ. Слични проблеми имаат и со млекото и млечните производи.

Значи кај трошоците нема што да се прави, освен ако државата не одлучи да ги субвенционира производителите, но и тогаш останува проблемот со ограничувањето на маржите на трговците. Целосно е нејасно зошто најголемиот дел од товарот врз себе би го презеле само субјектите од прехранбениот сектор, од земјоделци, прехранбена индустрија до трговија. Замислете, на пример, владата да им ги ограничи каматите и провизиите на банките, за да им ја олесни положбата на граѓаните. Или да интервенира кај телекомуникациските или осигурителни компании. Да ги спомнеме само некои од најпрофитабилните сектори. Незамисливо нели. Притоа таму, гледано економски, би имало и поголема оправданост бидејки тие се олигополски структури, додека кај прехранбениот сектор конкуренцијата е многу поизразена.

Очигледно дека ова не е решение, но кое би било решението. Пред се зошто на државата, со сите нејзини институции, да и се нудат решенија, па сепак, во неколку црти. Замрзнувањето на цените, особено на подолг рок е не само лошо туку и неодржливо решение. Или ќе снемува производи или ќе бидат со послаб квалитет. Кога се замрзнуваат цените тие се исти и за тие побогатите, кои можат да купуваат и по повисоки цени, и за посиромашните. Значи решението треба да се бара во подобрувањето на положбата на социјално најзагрозените категории преку покачување на нивните приходи.

Државата може да помогне и во делот на понудата каде што со вистински политики ќе се зголеми земјоделското производство и ќе се намали увозната зависност. Постоечкиот модел на субвенционирање на земјоделието е очигледно неефикасен и одамна ги достигна своите лимити. Тој модел не доведе до очекуваното зголемување на земјоделското производство, напротив, увозот расте, и во голема мера служи како некој вид на социјална помош, а примарната цел е ставена во втор план.

Особено е интересно што овие производи не се замрзнати во развиените западни држави, а сепак тие таму се поефтини и во релативен, во однос на животниот стандард, и во апсолутен износ. Таму пазарот, односно конкуренцијата, ја игра својата улога и обезбедува ефтини цени на прехранбените производи, без никакво непотребно и штетно плеткање на државата и без штетни последици по производителите и трговците, а на задоволство на потрошувачите.

Велат дека кај замрзнувањето на цените има добра и лоша вест. Добрата е дека производите ќе бидат ефтини, а лошата дека можеби ќе ги нема.

Љупчо Довичински

Back to top button
Close