Далмација погодена од силен земјотрес

Околу 22 часот е регистриран силен земјотрес во Хрватска, во близина на најголемиот далматински град Сплит.

Првичните податоци на EMSC беа дека станува збор за земјотрес со јачина од 5,1 степен по Рихтеровата скала, но, подоцна државниот сеизмолошки завод на Хрватска ја коригираше јачината и ја намали на 4,6 степени.

Епицентарот се наоѓа на 40-тина километри од Сплит, на работ на Ливањско поле, а во близина на границата меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина.

Засега нема информации за повредени или материјална штета.

„Слободна Далмација“ објави дека пожарникарите во градовите Сплит и Сињ не добиле повик за помош иако потресот бил силен и се почувствувал во градовите во Далмација.

-Никој не се јави да побара помош. Ни се јавија само роднини и пријатели да прашаат како сме и дали сме го почувствувале. Ваков силен земјотрес последен пат имаше во 90-тите години од минатиот век, изјавил за „Слободна Далмација“ дежурниот пожарникар во Сињ.

Во градчето Триљ, лоцирано во епицентарот, граѓаните биле алармирани со црковните ѕвона, а по улиците на далматинските градови има излезено луѓе поради силниот земјотрес, објавуваат хрватските медиуми.

Во време на земјотресот, во погодениот регион врнел силен дожд, но граѓаните излегле на улиците, а оние што живеат на повисоките катови од претпазливост најавуваат дека ќе спијат во своите автомомобили. Главно граѓаните на Сињ и на Триљ се жалат дека не забележале оштетувања на зградите, но во домовите виделе како им се нишаат лустерите и како паѓаат предмети кои не биле зацврстени на полиците.

Back to top button
Close