Даме Димитровски од ВМРО-ДПМНЕ избран за претседател на Советот на Град Скопје

Носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје на локалните избори, Даме Димитровски, е избран за претседател на Советот на Град Скопје. Димитровски беше предложен од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која заедно со советничката група на ВЛЕН има мнозинство во Советот.

Даме Димитровски, претседател на Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

Димитровски беше единствениот номиниран кандидат, а за претседател на Советот на Град Скопје во наредните четири години беше избран со мнозинство од 23 гласа „за“.

„Ова не го сметам само за функција, туку и за доверба која ја добивам од вас како избрани претставници од сите жители на Скопје кои очекуваат да видат институција која ќе работи чесно, одговорно и во интерес на граѓаните. Ќе бидам претседател на сите советници во Советот без разлика на нивната политичка припадност. Ќе бидам и глас на разумот и посредник на дијалогот кога тоа ќе биде потребно. Ќе бидам гаранција дека градското собрание ќе ја врати довербата на граѓаните“порача Димитровски по изборот за претседател на Советот на Град Скопје.

Пред гласањето, советничките групи на СДСМ, Левица и на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ рекоа дека нема да го поддржат изборот на Димитровски, но порачаа дека се надеваат на добра соработка во рамки на Советот и меѓусебна поддршка за проекти во интерес на граѓаните.

На конститутивната седница на Советот на Град Скопје претходно се обрати градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој порача дека овој совет има историска задача да го насочи Скопје кон стабилен, функционален и одржлив развој.

Back to top button
Close