Данева-Маркова: Колку побрзо се усвојат законските измени, толку побрзо пациентите ќе имаат поедноставна достава на сите лекови
Што побрзо се усвојат законските измени, толку побргу пациентите ќе имаат поедноставна и побрза достава на сите лекови, изјави денеска проф. д-р Ана Данева-Маркова, советник за здравство на премиерот, во одговор на новинарско прашање дали очекува дека брзо ќе бидат усвоени тие измени и дека сите пациенти коишто имаат цистична фиброза, ќе добијат лек „Трикафта”.
„Минатата недела лично од премиерот чувте на прес-конференција дека лично тој предложи во соработка со поголем број на експерти, законски измени што оваа недела се во собраниска процедура, поточно на 16 март. Се надевам и интенцијата е во што пократок рок да бидат усвоени законските измени што предвидуваат измени во два закона. Законот за лекови и законот за здравствено осигурување. Што побрзо се усвојат законските измени, толку побргу пациентите ќе имаат поедноставна и побрза достава на сите лекови, изјави Данева Маркова, која е и дел од тимот што работеше на законските измени што веќе се во собраниска процедура.
Данева-Маркова потенцира дека измените не ги опфаќаат само пациентите со цистична фиброза, туку и сите групи на пациенти за коишто се набавува терапија на овој начин.
Директорката на Клиниката за детски болести Стојка Фуштиќ рече дека лекот е пристигнат и веќе се примаат пациенти кои треба да започнат со терапија. Според неа на оваа Клиника има шест пациенти, а два ќе се водат на Клиниката за пулмологија. Од осумте пациенти, два се во критична состојба и тие ќе бидат третирани на Клиниката за пулмологија. Фуштиќ додаде дека ефектот од терапијата тука е неизвесен, но секако ќе пробаат да се подобри белодробната болест кај овие пациенти.