Даниел Кајмакоски киднапиран во Белград, пронајден врзан во автомобил


Македонскиот пејач и победник на музичкото натпреварување „X Factor Adria“, Даниел Кајмакоски, беше жртва на киднапирање во близина на Бетон Хол во Белград, по што следеше полициска потера што заврши со сообраќајна несреќа во близина на Рума, јавуваат српските медиуми.

Како што објави Telegraf.rs, инцидентот се случил доцна навечер кога двајца мажи, за кои се сомнева дека се државјани на Турција, го пресретнале Кајмакоски додека се приближувал кон својот автомобил.

Со закана од огнено оружје, тие го натерале да влезе во возилото, по што се оддалечиле од местото на настанот. Според информациите од истрагата, пејачот бил врзан додека возел и, како што е наведено, му се заканувале со смрт со барање да им исплати 20.000 евра.

Полицијата набрзо добила дојава за сомнително возило, а брканицата завршила на автопатот во близина на Рума, каде што автомобилот удрил во заштитна ограда. По несреќата, осомничените успеале да избегаат во блиската шумска област.

На местото на несреќата, полицијата го пронашла Кајмакоски врзан во возилото, во состојба на шок, но без повреди опасни по живот. Му била укажана медицинска помош, по што бил пренесен на безбедна локација.

Министерството за внатрешни работи на Србија објави потрага по двајца осомничени, за кои се сомнева дека се вооружени и опасни. Полицијата го блокирала поширокото подрачје на Срем, а во потрагата биле вклучени специјални единици, кучиња трагачи и технички средства.

Истрагата е во тек, а надлежните органи треба да ги утврдат сите околности на овој настан, како и мотивите на осомничените. Засега не е познато дали пејачот бил однапред планирана цел или станува збор за обид за изнуда без претходна поврзаност.

Back to top button
Close