Даночна реформа или даночна проформа?

Најавената даночна реформа е законско решение донесено уште во 2018 година. Како може веќе донесено решение „да се продава“ како реформа и што коментира експертската јавност? Пишува Никола Тодоров.

Темата за даночните реформи кои ги најави министерот Фатмир Бесими ги преокупираа граѓаните за време на годишните одмори. Не ги потресоа толку колку што ги потресе енормното зголемување на цената на лебот, горивата и струјата, но доволно за да ја прелие чашата. Не толку од финансиски, колку од психолошки аспект.

Даночната реформа, од она што го гледам по медиумите се сведува на 4 мерки и тоа данок на камата од орочени депозити (што неправилно во јавноста се дефинира како данок на штедни влогови), прогресивен данок, данок на реинвестирана добивка и данок и придонеси за хонорарци. Она што веднаш ме зачуди е што веќе донесено законско решение се продава како реформа и се нуди за јавна дискусија. Она што ме разочара е што „експертската јавност“ се вклучи во дискусијата како да се зборува за нови решенија. Ова се однесува на данокот на каматите на штедните влогови и прогресивното оданочување.

Имено со Законот за личен доход од 2018 година се воведе прогресивното оданочување. Тогаш тоа се дискутираше и веројатно како резултат на политичка проценка доби одложена примена од 01.01.2023 година. Во чл.24 од Законот за изменување и дополнување на законот за данокот на личен доход (Службен весник број: 275/2019) е предвидено дека одредбите од членот 11, каде што е предвидена прогресивната даночна стапка, нема да се применуваат од 1 јануари 2020 година до 31 декември 2022 година. Од 1 Јануари 2023 година стапуваат на сила одредбите со кои се воведува прогресивен данок според кој даночната стапка при годишна даночна основа до 1.080.000 денари ќе остане иста и ќе изнесува 10%, а за приходот над 1.080.000 денари, ќе се плаќа прогресивна даночна стапка од 18% и тоа на делот од доходот кој надминува 1.080.000 денари. Истиот овој член покрај на одложување на прогресивното оданочување се однесува и на одложување и на данокот на камата од орочени депозити. Воедно членот 116 од Законот за данокот на личен доход (Службен весник број: 241/2018; 84/2019; 275/2019; 290/2020; 85/2021;) предвидува дека одредбите кои се однесуваат на оданочувањето на каматите од орочени депозити, ќе се применуваат од 1 јануари 2023 година.

Македонскиот министер за финансии, Фатмир БесимиМакедонскиот министер за финансии, Фатмир Бесими

Кој што прочитал? 

Возможно ли е дека министерството за финансии не знае дека овој закон е веќе донесен и не си ги знае основните прописи кои е должно да ги применува! Или пак знае, а се прави на „тошо“. Но што е со „експертската јавност“ и со пратениците кои гласале „за” или „против” одложена примена на овие одредби од 1 јануари 2023 година? И тие не знаат што гласале? И експертите не го прочитале законот?

Ова е поразително и само потврдува дека се е политизирано, површно и дилетантски во нашава државичка!

Јасно е дека дебатата за прогресивниот данок и данокот од доход од капитал е целосно депласирана, бидејќи ова законско решение е веќе донесено и ќе почне да се применува после нова година.

Би сакал да го прокоментирам и пристапот кон дискусијата за „даночните реформи“. Целта, наводно е да се соберат 54 милиони евра годишно и да се намали сивата економија.

Прво и најважно, не слушнав за што се потребни тие 54 милиони евра. Многу поуверливо ќе беше доколку дискусијата за т.н. даночната реформа започнеше на следниов начин: Планираме во наредните четири, пет или десет години, државата да инвестира во тоа и тоа, и за тоа ни се потребни дополнителни 54 милиони евра годишно кои планираме да ги обезбедиме преку оваа даночна реформа. Наместо ова, дискусијата за даночната реформа е базирана на фактот дека државата нема доволно пари за остварување на своите основни функции, па затоа прибегнува кон нови давачки.

Второ, не е време за нови давачки, особено не од психолошки аспект.

Цената на струјата, горивата и гасот се вивнаа во облаци. Буквално ги убиваат бизнисите. Компаниите се оставени сами на себе и приморани струјата да ја набавуваат на слободниот пазар. Не знам дали има компанија чија профитна маргина може да го поднесе овој товар за струја и горива на среден и долг рок.

Парите губат од вредноста. Со илјада денари во продавница денес може да се купи далеку помалку отколку во минатата годинаПарите губат од вредноста. Со илјада денари во продавница денес може да се купи далеку помалку отколку во минатата година

Парите повторно под перница 

Поништувањето на даночната реформа на ВМРО за нула данок при реинвестирана добивка, негативно ќе влијае на инвестициите, што значи компаниите со намалено темпо ќе се развиваат и прошируваат. Нема инвестиции, нема нови работни места. Ако веќе го плаќаат данокот на добивка, тогаш веројатно ќе најдат начин да ги извадат парите од компанијата. Нема да ги орочат во банките, зошто и тука од 1 јануари 2023 им се воведува данок. Значи, или парите повторно ќе одат под перница, или уште полошо ќе најдат начин како да ги префрлат во странски банки.

Парите ја губат вредноста. Илјада денари во продавница или на пазар веќе се ништо, а за граѓаните сепак се многу. Дополнително, цената на лебот отиде во бестрага. Лебот е т.н. инфериорно добро бидејќи порастот на доходот на потрошувачите, место кон зголемување, води кон намалување на побарувачката за овие добра. И обратно. Намалувањето на доходот на потрошувачите ќе води до зголемување на побарувачката за леб. Во услови кога доходот останува ист, инфлацијата расте, а цените на останатите основни продукти и енергенси драматично пораснаа, логично е на граѓаните да им останат помалку пари за храна. Ова значи граѓаните повеќе ќе конзумираат леб од порано. Тука ќе го споменам и т.н. Гифинов парадокс (како отстапување од законот на побарувачката) според кој зголемувањето на цената на некои производи (во случајот лебот) нема да доведе до намалување на неговата потрошувачка, туку обратно ќе доведе до зголемување на неговата потрошувачка. Во услови на растечка сиромаштија, можноста за супституција на лебот со други поскапи продукти ќе изостане, па ова ќе значи дека дополнително ќе опадне побарувачката и на тие добра (месо, риба, овошје, здрава храна). Ова ќе значи пад во овие сектори, отпуштање на работници и/или намалувања на нивните плати, што дополнително ќе влијае на намалување на потрошувачката. Да не зборувам за негативните здравствени ефекти кои ќе бидат последица на супституција на здравата со помалку здрава исхрана или нездрава исхрана, што ќе доведе до зголемени здравствени трошоци на државата и населението.

Не е време за нови даноци, туку е време за рационално трошење и зголемување на приходите преку намалување на сивата економија и корупцијата.

Еве ист предлог по стоти пат:

Мораториум на вработувања во јавната администрација.

Доколку со мораториум на вработувањата секоја година го намалуваме јавниот сектор за 1.500 вработени (помалку од вкупниот годишен број на пензионирања во администрацијата) за 15 години ќе заштедиме вкупно 1,7 милијарди евра. Со најавената „даночна реформа” за истиот период државата ќе има дополнителни 810 милиони евра за трошење, односно помалку од половина од средствата што би можеле да се обезбедат со мораториум на вработувања во јавната администрација.

Една позната мисла за даночните реформи вели: Не се оданочувај себе, не ме оданочувај мене, оданочи го оној зад дрвото. Оданочете ги прво оние кои се кријат, па после свртете се кон оние кои веќе плаќаат. Зашто се друго не е даночна реформа туку даночна проформа, особено за оние кои се кријат зад дрвото.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close