Данок за немажени и неженети тропа на врата? Владата се дума,откри Мицковски
Демографскиот аларм е вклучен, Македонија за четири години има изгубено 33 илјади жители – како еден град од големина на Кавадарци и Кичево. Со цел да се спречи овој негативен тренд, каде бројот на починати со години наназад е поголем од бројот на новородени деца, Владата размислува да преземе низа мерки – а една од нив е и воведување на данок за немажени и неженети. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски на дебата во Владата за демографските трендови, предизвици и можни решенија.
„Знаеме дека нема магично решение. Но, има намерна, постојана, државничка борба. И ние ја почнавме. Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме е со цел да ја вратиме вербата. И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети“, рече Мицкоски.
Тивка, долготрајна, системска и глобална криза
Според Мицкоски, демографската рецесија не е проблем само на Македонија, туку е предизвик на целата Европа, па и пошироко. „Германија, Италија, Бугарија, Јапонија, Јужна Кореја- сите тие држави веќе одамна се соочуваат со истото – се раѓаат сѐ помалку деца, населението старее, а младите се сè почесто во потрага по подобар живот надвор од границите“, вели премиерот.
Но, според него, состојбата во Македонија е посебна. „Додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е аларм“, вели Мицкоски посочувајќи на неодамнешните статистички податоци, коишто потсетија колку е сериозна ситуацијата.
Според податоците на Државниот завод за статистика објавени неодамна, во 2024 година, се родиле 16.061 дете, а починале 20.201 лице, што е природен пад од 4.140 луѓе за само една година;
„Во последните 4 години, изгубивме повеќе од 33.000 жители – како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево. Стапката на наталитет падна од 12,5‰ во 2010 година на само 8,8‰ во 2024 година. Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение. Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат. Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири“, вели Мицкоски.
Губење на иднината
Ова, според него, значи губење на иднината, бидејќи иселувањето се гледа како единствена опција. Затоа, порача дека борбата на Владата ќе биде „да се направиме животот во земјата вреден, мајчинството да биде благослов, а не товар, да им се даде на младите причина да останат, како и да се изградат институции што не ја трошат туѓата младост, туку ја негуваат“.
„Да изградиме држава во која надежта е поважна од пасошот. Време е за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, тоа ни е главниот императив, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние кои што се отселени да се вратат. Затоа што само така ќе се живее со повеќе срце“, рече Мицкоски (dw)