Данска им нуди трета доза на имунизираните со две различни вакцини

– На луѓето во Данска кои примиле две различни вакцини против Ковид-19 ќе им биде понудена трета доза на вакцина, за да им се признае статус на целосно имунизирано лице надвор од Шенген зоната, каде што важат различни регулативи.

Данското Министерство за здравство соопшти дека на луѓето кои примиле различни вакцини ќе им биде понудена трета доза откако ќе заврши националната програма за вакцинација.

Причина за ова е тоа што неколку земји надвор од ЕУ и Шенген зоната при влез во земјата на оние кои се вакцинирани со различни вакцини не им признава дека се целосно имунизирани.

Тоа може да предизвика проблеми со патувањата за речиси 150.000 дански граѓани кои примиле две различни вакцини против Ковид-19.

Вкупно 151.335 граѓани, главно здравствени работници, првично примија вакцина на Астра Зенека, но потоа таа беше отстранета од официјалната програма за вакцинација во Данска, поради загриженост од згрутчување на крвта.

Потоа им беше дадена или вакцината на БиоНТек/Фајзер или на Модерна како втора доза. Сега треба повторно да ја примат на БиоНТек/Фајзер или на Модерна.

Практичната имплементација сè уште не е јасна, но за тоа ќе дискутира здравствената администрација со данските региони.

Back to top button
Close