Данска нѐ моли да го зграпчиме моментумот на проширувањето на ЕУ

Министерката за европски прашања на Данска, Мари Бјере, во посета на Скопје да помогне Македонија да излезе од ќор-сокакот

Данската министерка за европски прашања, Мари Бјере денеска во Скопје порача дека проширувањето ќе биде во фокусот на данското претседавање со Европската унија, кое стартува на 1 јули, дека актуелните геополитички случувања уште повеќе го актуелизираат овој процес, како и дека нејзината држава ќе стори сѐ што е во можност за да го поттикне евроинтегрирањето на земјава, но оти тој пат мора да се изоди заеднички.

Бјере денеска на заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања Орхан Муртезани на прашањето што конкретно би сторила Данска, како иден претседавач на Унијата, во однос на ингегрирањето на Македонија во ЕУ, имајќи го предвид спорот со Бугарија, но и иницијативата од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за средба на македонски и бугарски високи претставници на маргините на Самитот во Хаг, не даде конкретен одговор, но посочи дека моментумот за проширување е тука и оти земјата треба да го зграпчи.

„Моментумот за проширување апсолутно е тука и веќе сме негови сведоци, направен е прогрес и за Украина и за Молдавија, и сега со Албанија отвораме два нови кластера, еден сега, еден на есен, исто така имаме напредок и кај Црна Гора, кој не се случуваше долго време. Искрено да кажам дека моментумот е тука и ве молам да го зграпчите. И сега со нашето претстојно претседателство со ЕУ морам да ви кажам дека ние не можеме самостојно ова да го туркаме, ние сме тука конструктивно да работиме со вас, со Северна Македонија за да можеме заднички да видиме каде можеме да постигнеме напредок, во кои делови можеме да го оствариме напредокот“, истакна данската министерка, додавајќи дека е видливо дека земјава има остварено голем напредок на патот до ЕУ.

Таа во своето обраќање рече дека со Муртезани разговарале за актуелните политички прашања.

Данската министерка истакна дека со оглед на актуелните геополитички случувања, руската агресија врз Украина, но и, како што посочи, новите ветришта, кои дуваат од САД, Европа треба да биде силен геополитички актер, а за да се одбрани себе си во овие новонастаните околности, клучен е процесот на проширување.

„Свесни сме дека имаше еден замор од проширувањето, но тој се појави и во вашата и во нашата земја и затоа сакаме повторно да работиме на проширувањето, да работиме и со Украина и со Молдавија, но и со земјите од Западен Балкан. Сметам дека сето ова ќе донесе просперитет за овие земји, полза и за нив и за вашата земја, но и за Европа“, истакна Бјере.

Таа посочи дека Европа ќе биде посилна доколку е заедно со земјава, но и со другите држави од регионот и додаде дека има еден нов напредок во процесот на проширување и затоа е тука во Скопје за да ѝ даде поддршка на државата.

Back to top button
Close