Даравелски бара ново судење

Поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, кој вчера на „Табановце“ ѝ се предаде на македонската полиција по 20 години престој во Белград, поднел барање за повторување на постапката.

Барањето тој го поднел од причина што во првата постапка во која правосилно е осуден на седум години затвор му се судеше во отсуство.

Дали ќе има повторно судење ќе биде потребно подолго време со оглед треба да се побараат податоци од затворот „Идризово“, како и мислење од Основното јавно обвинителство.

„Согласно барањето оформен е предмет кој е распределен пред надлежен Кривичен совет за понатамошно постапување. Советот, во однос на барањето, согласно Законските надлежности најпрви ќе се обрати за податоци до установата каде истиот е на издржување на казната затвор, а потоа предметот ќе го прати на мислење до Основното јавно обвинителство. По комплетирање на списите, советот закажува седница и по донесената одлука странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“,велат од Основниот кривичен суд Скопје.

Во случај да му се дозволи повторно судење, Даравелски би можел да се спаси поради апсолутна застареност на кривичното гонење.

Поранешниот директор на Царинската управа беше осуден на седум години затвор за злоупотреба на службената положба во периодот од 1999 до 2002 година. Според актуелниот Кривичен законик (КЗ) апсолутна застареност за кривични дела за кои е предвидена максимална затворска казна од 10 години настапува кога ќе помине двапати повеќе време од периодот кога е сторено кривичното дело.

Back to top button
Close