ДДВ за прехранбени производи да не се плаќа, а за горивата да биде пет отсто до крај на годината, предлага ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата најави дека ќе поднесе предлог-закон со кој прехранбените производи ќе бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината, односно до 31 декември 2022 година. Дополнително, ќе бараат и ДДВ за течните горива да биде пет отсто до крајот на оваа година.

Предлогот на опозицијата доаѓа во пресрет на прекинот на важност на мерката за нула отсто ДДВ на основните прехранбени производи, која Владата ја донесе во март, а важи до 31 мај, односно до денеска.

Почнувајќи од утре, велат од ВМРО-ДПМНЕ, нè очекува голем бран на поскапувања поради Владата на Република Македонија.

„Од утре следниве производи повторно ќе бидат оданочени со пет отсто ДДВ, т.е. граѓаните уште од утре ќе плаќаат за пет отсто повеќе. Преку ноќ ќе поскапи лебот, белиот шеќер, брашното тип 400, маслото од сончоглед (кое понекогаш го нема на полиците), млеко и павлака, месо, бел ориз и свежи јајца“,велат од партијата.

Ова, како што додаваат оттаму, се неопходни продукти за човечка исхрана, а поради неодговорноста на Владата овие производи преку ноќ ќе поскапат за пет проценти.

„Во рамки на овој закон е предвидено и ДДВ за енергентите т.е. бензинот и дизел-горивото да бидат оданочени со 10%, но само до 31 мај. За потсетување, според Државниот завод за статистика течните горива се поскапени за 53,5% споредено со април 2021 година“ додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека со донесување на предлог-законот за нула отсто ДДВ за прехранбените производи и пет отсто ДДВ за горивата до крајот на годинава, ќе се превенира дополнителен раст на цените на основните прехранбени продукти. Затоа, како што велат, бараат колегите пратеници од мнозинството да работат во интерес на граѓаните, а не на владејачката елита.

Back to top button
Close