Дејвис куп: Македонија ја совлада Молдавија
Калин Ивановски и Стефан Мицов забележаа попладнево клучна победа во дубл пресметката против Молдавија и со тоа ѝ донесоа на Македонија триумф од 2-1 против денешниот ривал, доближувајќи ја на чекор од пласман во Втората Светска група од Дејвис купот.
Првиот поен во сингл мечот го донесе Стефан Мицов, потоа Молдавија го израмни резултатот, а вистинска драма на Централниот терен на ТК „Југ“ донесе дуелот во двојки.
Во првиот сет до 3:3 во гемови немаше брејк, а потоа Ивановски и Мицов успеаја да одземат сервис на противникот (Андреј Цумак) и Македонија поведе со 4:3, а потоа и со 5:3. Молдавскиот пар намали на 5:4, но потоа следуваше реализација на брејкот и освојување на шестиот гем за 6:4 и водство на Македонија од 1-0.
Добрата игра продолжи и Македонија поведе со 2:0 во гемови во вториот сет. Но, по 3:1 противниците направија брејк и дојдоа до водство од 4:3. До крајот на сетот немаше брејкови, па се играше „13. тиот гем“. По 2:0 на поени за Молдавија, Калин и Стефан направија серија од пет поени за водство од 5:2.
Македонските тенисери не искористија две меч топки, а при сет топка за Молдавија при еден поен двајцата молдавски тенисери играа на топчето, но судијата на стол не го забележа тоа и сетот го освои Молдавија.
Во решавачкиот сет македонските тенисери направија брејк во четвртиот гем за водство од 3:1 и предноста ја сочуваа до крајот на сетот кој го добија со 6:3. Дуелот траеше 2 часа и 17 минути.
Во другите два дуела одиграни денеска: Црна Гора – Ерменија 3:0 и Летонија – Малта 3:0.
ТАБЕЛА: Летонија 3-0 (победи-порази), Црна Гора (2-1), Молдавија (2-1), Македонија (2-1), Малта (0-3), Ерменија (0-3).
Утре во мечот од четвртото коло Македонија игра против аутсајдерот Ерменија.