Дебарската дијаспора во сад ќе поддржува локални проекти во  родниот крај  

Иселниците од Дебар во САД ќе продолжат да поддржуваат проекти на локалната власт во Дебар,  се со цел населението во родниот крај да има подобри услови за живеење. Ова покрај другото е нагласено на средбата што ја имаше дебарскиот градоначалник Хекуран Дука  со дебарската дијаспора во Њујорк.

На средбата градоначалникот Дука ги презентираше капиталните проекти  што се реализираа во Дебар во текот на изминатите две години како и проектите предвидени за 2021 година. Како капитални проекти се наведени редовното водоснабдување на Дебар, реконструкцијата на центарот на градот, градската депонија и неколку проекти во сферата на патната инфраструктура. На средбата дебарскиот градоначалник ја повика дијаспората од Дебар да учествува масовно во електронскиот попис кој се одржува во РС Македонија .

Дука, кој оваа средба ја одржа на покана на здружението на дебарските иселеници „Дибра“  во САД исто така беше информиран за активностите на дебарчани во САД, при што претседателот на здружението Даш Мифтари информираше дека во Америка има над 15 илјади дебарчани.

Добар дел од нив се добри бизнисмени и имаат големо влијание во одредени држави во САД кога е во прашање бизнис секторот. Во име на дебарската дијаспора тој  најави инвестиции на иселениците во родниот крај.

До сега  во Дебар се реализирани неколку бизнис компании на иселеници од САД во кои се вработени над 400 млади.

К. Мимидиноски  

Back to top button
Close