Дебарските пожарникари гаснеа пожар во погранично албанско село

Дебарската Територијална противпожарна единица, интервенираше во гаснење на пожар во албанско погранично село.

Според Командирот на ТППЕ, Џетан Мифтароски интервенцијата била по дојава од албанска страна од каде е побарана помош.

– По барање од нивна страна а во согласност со локалната власт на Дебар нашите пожарникари интервенираа во локализирање и целно гаснење на пожар во пограничното албанско село  Војника, кое е на оддалеченост од  16-тина километри. Стануваше збор за пожар на отворен простор, кој можеше да се прошири и на блиските куќи,  рече за МИА, Џетан Мифтароски, командир на ТППЕ.

Поради близината  ова не е првпат дебарските пожарникари да интервенираат во пограничните албански области, што, според Мифтароски, го прават од хуман аспект а во согласност со локалните власти од двете страни.

Дебарската ТППЕ освен на територијата на општина Дебар, интервенира и во општина Центар Жупа и подрачјето на Долна Река, општина Маврово и Ростуше

Back to top button
Close