Дебата за состојбите во македонската економија пред и по пандемијата

– Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) во рамки на седницата на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, организира дебата на тема: „Македонската економија пред и по пандемијата“.

На дебатата, како што информираат од ОРМ, ќе се говори за македонската економија пред и по пандемијата со Ковид-19, каде говорниците ќе зборуваат за актуелните случувања и предизвиците со кои се соочи земјава во изминатиот период, но и можностите за економскиот развој по пандемијата.

– Владата на Република Северна Македонија донесе сет економски мерки и директна помош која беше носочена кон граѓаните и стопанството за да ги ублажи последиците од Ковид-19, но сепак за дел од бизнис заедницата овие мерки не беа доволни. Целокупната состојба изврши силен удар врз работодавачите, дел од нив се прилагодија и успешно ги реструктуираа своите бизниси, но сепак за дел од работодавачите кризата означуваше и затварање на многу работни места или пак затварање на економската активност. Девет сектори во кои се ангажирани 62 отсто од вкупниот број вработени во стопанството се најмногу погодени од кризата, а дури 40 000 работни места се наоѓаат во непосреден ризик, велат од ОРМ.

Организацијата на работодавачи на Македонија, велат оттаму, уште од самиот почетокот на кризата предизвикана од вирусот Ковид-19 даде свој придонес и ги застапуваше интересите на работодавачите преку учество во националниот Економско-социјален совет, националниот Совет за безбедност и здравје при работа и други тела,поднесе предлог мерки и активности до државните институции, се со цел полесно надминување на кризната состојба.

Значителен дел од предложените мерки од ОРМ биле прифатени од страна Владата и беа преточени во активни мерки и уредби. Економските последици, нагласуваат работодавачите, ќе се чуствуваат и во наредните години, но сепак со заеднички напори можеме да ја придвижиме економијата и да отвориме нови перспективи за развој на бизнисот во новата реалност.

Back to top button
Close