Децата во Појасот Газа: Учење меѓу урнатините

Во Појасот Газа започна новата учебна година, но за нормален почеток не може да стане збор. Лекциите се одвиваат во шатори. Предизвик за учениците и за наставници – како Басма Абдул Маџид Фарес Ал-Гара. Таа е млада професорка по математика која порано работела во градот Газа. Сега таа се наоѓа во таканаречената хуманитарна зона во југозападниот дел од Појасот Газа.

„Најтешки се временските услови“, вели таа. „Толку е жешко во шаторот што не можете да издржите. На ова се надоврзува песокот и недостатокот на чистота. И покрај сè, таа се обидува да изведува настава. Но, учениците често мора да ги менуваат локациите. „Доаѓам од Универзитетот Ал Акса, тоа е далеку.” Покрај тоа, недостасуваат многу работи. „Наставни материјали, вентилатори, интернет и многу други нешта. Ова се тешкотиите“, вели таа.

 

Илјадници ученици и наставници загинаа

Огромните бројки се шокантни: 85 отсто од сите училишта во Појасот Газа се уништени или сериозно оштетени. Во многу училишни згради не се изведува настава, тие се пренаменети за сместување и заштита на раселените луѓе.

Учениците во шаторите веќе изгубија цела училишна година. Еден од нив е Ислам Мохамед Фавзи Абдин. Пред војната живеел со семејството во Рафах. Потоа бил протеран. „Сонувам да станам доктор“, вели тој. „И за да го постигнам мојот сон, мојата цел, учам.” Во 8-мо одделение сè уште бил најдобар ученик во своето училиште со просек од 99,9 проценти. Тој барем останал жив. Во војната во Газа досега се убиени илјадници ученици и наставници.

 

Малку места во импровизираните училишта

Пред војната имало 625.000 ученици. Појасот Газа имаше функционален училишен систем – 98 проценти од децата знаеја да читаат и пишуваат. Сега само малкумина можат да ги посетуваат импровизираните училишта. УНИЦЕФ, Организацијата за деца на Обединетите нации, создаде места за 30.000 ученици.

Мохамед има 15 години и среќен е што добил место во училиште. Но, немирот го придружува. Нервозен е и се плаши од она што доаѓа. „Се прашувам кога ќе заврши војната. А потоа ме погоди загубата на моите роднини и моите најблиски. Таму каде што сум сега не е моето место, и не е мојот дом“.

На наставничката Басма Ал-Гара ѝ е тешко да подготвува лекции. Речиси нема материјали како што се училишни книги или хартија. И интернетот не работи секогаш. Годинава сѐ е поинаку, вели таа. Наставата во шатор е предизвик. „Но, фала му на Бога, сега часовите почнуваат. Има поредовни часови. И ја предаваме целата палестинска наставна програма“.

Басма Ал-Гара се надева дека нејзините ученици еден ден ќе станат лекари, адвокати или учители. Таа се надева дека ќе направат нешто добро за општеството. Прашањето е само, за кое општество? Затоа што Газа е во урнатини и крајот на војната не е на повидок (dw).

Автор: Јан-Кристоф Кицлер, АРД

Back to top button
Close