Дефинирани приоритетите на институциите на ЕУ за 2026 година

Претседавачката со Советот на ЕУ, данската премиерка Мете Фредериксен, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола денеска на маргините на Самитот на Унијата во Брисел потпишаа Заедничка декларација со законодавните приоритети на блокот за 2026 година.
Законодавните активности усогласени во Декларацијата на кои трите институции се обврзаа да им дадат приоритет во 2026 година, се насочени кон зголемување на конкурентноста и отпорноста на ЕУ и кон заштита на европските граѓани и бизнисите, напоредно со напорите за остварување на амбициозните цели за поедноставување и усогласувањето на следната повеќегодишна финансиска рамка на блокот за периодот 2028-2034 година.
– Со оглед на брзината и сложеноста на предизвиците со кои се соочува Европската Унија, единството, итноста и амбицијата се клучни. Декларацијата ја означува посветеноста на трите институции да работат на овие заеднички приоритети, водени од принципите на меѓусебна доверба, почитување и дух на соработка за Унијата, соопшти на ЕУ.
Според Фон дер Лајен, оваа Декларација е доказ за заедничката визија на трите институции на ЕУ за иднината на Унијата.
– Мора да испорачаме нова ера на европска безбедност, која започнува со праведен и траен мир за Украина и зајакнување на нашата сопствена одбрана. Исто така, мора да изградиме поконкурентна и пофер Европа за нашите граѓани и бизниси, посочи Фон дер Лајен.
Според неа, за остварување на овие цели и за „претворање на заедничката визија во реалност“, потребни се средства и затоа мора да се постигне брз договор за следниот долгорочен буџет на ЕУ.
Мецола, пак, оцени дека Европа се движи, само кога сите институции на ЕУ се движат во иста насока.
– Оваа Заедничка декларација за 2026 година е повеќе од само зборови на хартија. Таа е знак на единство и наша цврста убеденост да ги исполниме очекувањата на луѓето, рече Мецола.
Таа нагласи дека со овој документ првпат се поставува јасна и фокусирана листа од законски приоритети, што ќе ја направат Унија посилна, побезбедна и поконкурентна.






