Дехари му ја отстапи фотелјата на Јовановски во Кичево
Новиот градоначалник на Општина Кичево, Александар Јовановски денеска ја презеде функцијата од досегашниот градоначалник Фатмир Дехари.

Тој во објава на Фејсбук на македонски, албански и турски јазик посочува дека оваа должност не ја гледа како привилегија, туку како обврска пред граѓаните да работи посветено, транспарентно и во интерес на сите.
-На самиот почеток сакам искрено да му се заблагодарам на досегашниот градоначалник, г-дин Фатмир Дехари, за неговиот долгогодишен ангажман и придонес. Почитта кон сработеното е темел на секој напредок, а континуитетот и соработката се клучот за идни успеси. Нашиот град има потенцијал, има вредни луѓе и има визија за подобра иднина, напиша Јовановски.
Тој нагласува дека неговата цел е да изгради локална самоуправа која ќе биде блиска до граѓаните, отворена за идеи и решенија, и која ќе ги слуша сите, без разлика на политичка, етничка или верска припадност, сите се подеднакво важни.
– Верувам дека со заедничка работа, искрен дијалог и посветеност ќе создадеме поубав, поправеден и поуспешен град за сите нас и за идните генерации. Нека е аирлија, да продолжиме напред заедно, за мене како што знаете поделбите не постојат, она по што ќе се водиме е достоинствен живот за сите! Д-р Александар Јовановски – ваш градоначалник на Општина Кичево – посочува Јовановски.






