Дел од бегалците и мигрантите од Мориа ќе бидат згрижени во бродови
Патнички брод од грчка бродска компанија денеска ќе пристигне на Лезбос за да прими дел од ранливите категории бегалци и мигранти, кои по пожарот во Мориа останаа без покрив над глава, а во текот на утрешниот ден ќе пристигнат и два брода од грчката воена морнарица, соопшти министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, јави дописничката на МИА од Атина.
Во бродовите ќе бидат згрижени околу 1.000 лица, додека пак за останатите околу 2.500 бегалци и мигранти кои беа во прифатниот центар Мориа, обезбедени се шатори од други делови на Грција.
Министерот за миграција и азил на Грција, заедно со министерот за внатрешни работи Такис Теодорикакос и претседателот на Националната организација за јавно здравје Панајотис Аркуманеас денеска го посетија кампот Мориа, а на прес конференцијата од Лезбос информираа за моменталната ситуација.
Митаракис рече дека се пронајдени осум од 35-те лица заразени со коронавирусот, од кои веројатно и започна пожарот, откако реагирале на одлуката да бидат ставени во карантин.
Објасни дека во пожарот целосно се уништени административни простории, делот на службата за азил, просторот за интензивна нега и еден дел од делот за бегалците и мигрантите.
Митаракис го повтори и она што претходно, на прес конференцијата во Атина го соопшти алтернативниот министер за миграција и азил Јоргос Кумуцакос, дека 400 деца бегалци без придружба од Лезбос ќе бидат префрлени во континентална Грција.
Претседателот на Националната организација за јавно здравје Панајотис Аркуманеас објасни дека децата, пред заминувањето ќе бидат тестирани за Ковид-19, а од утре ќе се тестира и дел од локалното население на Лезбос.