Дел од осудените за убиствата на Вања и Панче „пропеале“ за пиштолот и осомничениот Зоран Д., два месеци се собираат докази, објави Скопје1
Дел од осудените за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, „пропеале“ во Обвинителство, каде биле повикани да кажат што се случило со оружјето со кое се извршени злосторствата. Распитите се случуваат по два месеци по покренувањето на истрага, а откако осудениот Велибор Манев посочи дека извесен Зоран Д., вработен во Народна банка, го земал ранецот со оружјето и „моторолите“ за разговор.
Според информации на „Скопје1“, на распитите, имало појаснувања кое е лицето, но и која улога ја имал во партијата „Десна“. Се раскажале и детали во однос на тоа за што бил надлежен сега осомничениот.
„Скопје1“, побара став од Обвинителството дали против Зоран Д. и натаму опстојуваат одредените мерки за обезбедување присуство, на што не добивме конкретен одговор. Тие потврдија само дека се вршат распити.
„Постапката е во тек, се вршат и распити на повеќе лица, но во моментов не сме во можност да споделуваме детали“, велат од Обвинителството за „Скопје1“.
Зоран Д. беше приведен откако Велибор Манев, на рочиште, кажа дека тој е лицето кое го споменуваше во повеќе наврати, како задолжен да го уништи ранецот со пиштолот. Претходно, на три рочишта во судскиот процес, Манев изјавуваше дека знае кој добил задача да го крие оружјето со кое е извршен двојниот масакр. И покрај овие тврдења, Обвинителството со месеци не нареди спровод на Манев за да направи распит, што отвори сериозни дилеми за начинот на водење на истрагата.