Дела на уметникот Мајкл Клос подарок за охридската Општа болница

Како признание за активностите што здравствените институции ги спроведуваат во справувањето со епидемијата на коронавирусот денеска на Општата болница во Охрид ќе и бидат предадени дваесеттината уметнички слики на хуманистот, уметникот Мајкл Клос.

Клос е со македонско потекло, а живее и твори во Канада. Поради специфичните околности со епидемијата не може лично да ги предаде неговите слики, така што донацијата во негово име ќе ја врачи Злата Змејкоска Гашпаревиќ, медицинска сестра во пензија од охридската болница.

Уметничките дела на Клос се наменети за Инфективното одделение на Општата болница во Охрид и по едно платно за министерот за здравство Венко Филипче, како и за директорот на охридската болница Горан Балевски, кој однапред се изјасни дека сликата ќе ја отстапи за Одделението за невропсихијатрија.

Мајкл Клос е плоден уметник со над 300 самостојни изложби во над 50 земји. Има излагано во Руската Федерација, Казахстан, Кина, во престижните музеи во Њујорк, во Галеријата на македонската мисија на Обеднитетите нации (ОН), во Рим, Ватикан, неколкупати во Македонија.

Клос е роден 1954 година во Торонто. Своите уметнички дела честопати ги подарува како поддршка на активностите на добротворни организации.

Back to top button
Close