Делчево уредува парк во чест на херојот Иле Гоцевски и подигна спомен-плоча во негово име
Во Делчево ќе биде подигната спомен-плоча во чест на возачот на Итната медицинска помош, Иле Гоцевски кој почина по трагичната несреќа во Кочани, откако превезе голем број пациенти до болниците во Кочани и Скопје.

Со длабока почит се сеќавам на нашиот сограѓанин Иле Гоцевски, возач во ИМП во Кочани, кој утрото на 16 март беше на првата борбена линија за спас на животите на повредените млади од дискотеката „Пулс“. По 40-часовната напорна и трауматична работа, тој починал на 17 март во својот дом.
Во негова чест веќе поставивме спомен-плоча веднаш до влезот на Итната медицинска помош во Делчево – место на кое секогаш ќе се потсетуваме на тивкото херојство на нашиот херој Иле Гоцевски.
Иле Гоцевски возел 11 пати до Клиничкиот центар во Скопје и помагал и во пронаоѓање и препознавање на повредените деца. Неговата пожртвуваност е симбол на хуманоста и наша обврска е да го чуваме споменот на неговото дело, како сведоштво за „херојот од нашето маало“ – човек кој спасувал животи. Неговото име ќе остане запаметено како потсетник за вредностите кои ги носеше: хуманост, професионализам и пожртвуваност.
Во негова чест, во дворот на Здравствениот дом во Делчево уредуваме парк кој ќе го носи неговото име и ќе сведочи и за идните генерации за пожртвуваноста и професионалноста во борбата да се спаси живот повеќе. Со овој парк испраќаме силна порака дека вистинските херои се луѓето кои со својата добрина и професионалност оставаат траен белег во општеството“, вели Иван Гоцевски, градоначалник на Општина Делчево.






