Делегација на ЕУ: загрижени сме за наводите за кронизам во вработувања во М-НАВ. Очекуваме државните власти да ги истражат

Делегацијата на Европската Унија во земјава со загриженост ги следи случувањата во врска со националниот давател на услуги за воздушна навигација М-НАВ.

Оттаму денеска соопштија дека императив е именувањата во националниот давател на услуги за воздухопловна навигација и поврзаните услуги, исто како што треба да важи и за другите институции, да се засноваат на заслуги, квалификации и искуство.

„Потсетуваме на фактот дека Северна Македонија се обврза да го имплементира законодавството на ЕУ што се однесува на давателите на услуги за воздушна навигација (АНСПС). Ова вклучува одредби со цел за да се обезбеди независност на давателите на услуги за воздушна навигација (АНСПС) од државата, дека персоналот – особено контролорите на летање – ги исполнуваат законските барања за такви работни места и дека обезбедувањето на услугата ги почитува целите во однос на безбедноста, економичноста, капацитетот и животната средина“,соопштија денеска од Делегацијата на Европската Унија во земјава.

Оттаму очекуваат државните власти брзо да ги истражат наводите за кронизам во вработувања во овие служби.

Исто така, од Делегацијата на ЕУ очекуваат државните власти да ги истражат несоодветните надворешни влијанија, како и насилство врз персоналот што работи во М-НАВ.

Претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање, Александар Тасевски, пред неколку дена беше повикан во седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Тој по средбата изјави дека Делегацијата на ЕУ и амбасадите ревносно ги следат сите случувања и дека биле запознати со целата ситуација во македонското воздухопловство.

Тој информираше дека за случувањата се известени сите синдикати од Европа со кои соработуваат и дека во знак на поддршка се организира посета на нивни претставници на земјава. Известена е и Светската организација на контролори на летање и меѓународни организации.

Back to top button
Close