Делегацијата на ЕУ во Србија: Жалиме поради инцидентите на локалните избори на 29 март

Делегацијата на Европската Унија во Србија денеска објави дека жали за бројот на пријавени инциденти, неправилности и нееднакви услови на локалните избори во 10 општини во Србија, што беа одржани на 29 март.

„Со загриженост ги констатираме извештаите за акти на насилство врз независни набљудувачи, граѓани, претставници на политички партии и медиумски работници. Ги повикуваме надлежните органи да обезбедат брза и транспарентна акција и да ги повикаат сторителите на одговорност“, се наведува во соопштението.

Делегацијата го поздрави високиот одѕив и активното учество на граѓаните и додаде дека ги зема предвид наодите од набљудувачката мисија на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа.

„Ве потсетуваме дека должност на државата е да ги заштити граѓаните од насилство, да гарантира соодветни услови за граѓанските набљудувачи да можат да ги извршуваат своите активности во средина без притисок и заплашување и да ја обезбеди безбедноста на новинарите во контекст на изборите“.

Делегацијата додаде дека ќе продолжи „внимателно да го следи развојот на настаните поврзани со изборните реформи“ и идните локални и национални избори во Србија, бидејќи функционирањето на нејзините демократски институции е во „самиот центар“ на процесот на пристапување кон ЕУ.

Back to top button
Close