Делси Родригез положи заклетва како привремена претседателка на Венецуела

Потпретседателката на Венецуела и министерка за нафта Делси Родригез денеска официјално положи заклетва како привремена шефица на државата, додека соборениот претседател Николас Мадуро се соочува со судска постапка во Њујорк по обвиненија поврзани со трговија со дрога.

 

Педесет и шестгодишната Родригез – по професија адвокат за трудово право, позната по врските со приватниот сектор и по лојалноста кон владејачката партија – положи заклетва пред својот брат Хорхе Родригез, кој е претседател на Националното собрание.

 

– Чувствувам болка поради киднапирањето на двајца херои кои се заложници во САД. Во исто време, имам чест да положам заклетва во име на сите Венецуелци, изјави Родригез, која досега беше потпретседателка во администрацијата на Мадуро.

 

Врховниот суд во саботата ѝ наложи да ги преземе должностите на шеф на државата за период од 90 дена, а вчера армијата ѝ изрази поддршка.

 

Хорхе Родригез, пак, положи заклетва порано денеска, откако Националното собрание се состана за првпат по парламентарните избори одржани во мај.

 

Само мал број од вкупно 283 пратеници се декларираат како опозиција, додека поголемиот дел од опозициските сили – особено фракцијата предводена од добитничката на овогодишната Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо – го бојкотираа гласањето.

 

Единствената пратеничка која не присуствуваше на денешната седница беше првата дама Силија Флорес, која се наоѓа во притвор во Соединетите Американски Држави

Back to top button
Close