Демант за МВР: Концертот на Тими Трампет не бил „измислен“ туку се продале само 83 билети за него, тврди организаторот
Постојат валидни и потпишани договори со артистите, од кои еден договор ви го доставувам на увид директно до вашата редакција, со јасна забрана за негово јавно објавување поради клаузули за деловна тајност и доверливост. До АРМ беше поднесено и официјално барање за користење на стадионот, заведено под архивски број 09-325/1 на 27.01.2025 година, кое исто така беше одобрено. Настанот беше откажан исклучиво поради слаба продажба – продадени се точно 83 билети (преку 47 нарачки) и ниту еднаш не било доведено во прашање дали концертот навистина постои или дали има склучени договори. Сите купувачи беа уредно известени преку електронска пошта за откажувањето, и во рокот наведен во комуникацијата – сите билети беа целосно и успешно рефундирани, за што постојат траги од трансакции и потврди кои стојат на располагање за проверка. Објавените тврдења дека станува збор за „измама“ се неосновани, тенденциозни и нанесуваат сериозна штета на мојот личен углед и на работењето на мојата компанија, пишува во демантот.
Според известувањето од МВР „поднеле кривична пријава за скопјанец кој преку веб-страница продавал билети за непостоечки концерт“. Во соопштението пишуваше дека „концертот воопшто не било предвидено да се одржи“ и дека „не бил склучен договор за негово одржување“ и дека билетите „не биле рефундирани“ – наводи што Хаџиќ ги демантира.