Демири: Ќе помогнеме да се покријат трошоците за лекување на Леонид во Виена, за системско решение ќе зборуваме по изборите

Владата и Министерството за здравство се комплетно посветени и ќе се изнајде решение со кое ќе му се помогне на Леонид Индов, односно ќе му бидат покриени трошоците за лекување во Виена, изјави денеска министерот за здравство Илир Демири одговарајќи на новинарски прашања. Системско решение, како што посочи Демири, во предизборниот период и во време на техничка влада, не може да се најде.

„Досега е направено многу. Зборувавме со семејството и брзо ќе добиете епилог. Не сакам медиумска кампања а пропо изнаоѓање на решение. Значи, Владата и Министерството за здравство се комплетно посветени и ќе најдеме решение да му се помогне не само на Индов, туку на секој еден пациент кој има потреба“,

 

изјави Демири пред почетокот на панел-дискусијата по повод одбележувањето на Денот на ретки болести во Скопје.

Тој напомена дека сега треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение ќе се зборува по изборите.

 

„Системско решение во оваа техничка влада и предизборие не може да се најде. Треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение после изборите ќе зборуваме, од повеќе сектори зависи тоа. Значи, промена на регулативи и на закони не зависи само од Министерството за здравство“,

 

додаде Демири.

По веста дека Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија го одбил барањето за лекување на младиот Леонид Индов во странство на трошок на Фондот, средства за негово лекување се собираат преку донации.

 

Како што појаснија од Фондот за здравствено осигурување, барањето на еден од родителите на Леонид Индов било одбиено како неосновано затоа што не се работело за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга – медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување.

 

Откако ФЗО одлучи дека не може да го плати лекувањето на Леонид Индов во Виена, средства се собираат преку донации

 

Индов на почетокот на месецов (6 февруари) беше транспортиран на лекување во Виена, Австрија, а властите тогаш се пофалија дека тој е првиот пациент од земјава кој се транспортира со медикоптерот на Министерството за внатрешни работи. На настанот, кој беше и промоција на медикоптерот, присуствуваа дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Сашо Тасевски, и директорот на Градската општа болница „8 Септември”, д-р Христијан Костов

Back to top button
Close