Демократија со цевка на челото

Големиот бран на демократизација што се рашири во светот по падот на Берлинскиот ѕид, сега е речиси поништен со сè поголемото авторитарно владеење во голем број земји. Таквите трендови отвораат пат кон зголемен број оружени конфликти.

Актуелните состојби во светот јасно укажуваат дека демократијата се соочува со алармантни предизвици, а војната во Украина се очекува уште повеќе да ја заостри политичката поларизација. Европа ни најмалку исклучок од таквиот негативен развој. Повеќе земји-членки на ЕУ се движат во авторитарна насока во последната деценија. Фактите околу влошувањето на демократските стандарди во Полска и Унгарија се добро познати. Но и Словенија, како и Хрватска, Чешка и Грција, сè повеќе почнуваат да се движат кон продлабочување на авторитарноста.

 

Тоа се констатира во најновиот годишен извештај на шведскиот истражувачки институт „В-Дем“ при Универзитетот во Гетеборг, кој се смета за најголема база на подтаоци во светот за мерење на нивото на развојот на демократијата. Институтот соработува со 3.700 експерти за одделни земји.

По колапсот на Советскиот Сојуз пред повеќе од три децении голем број земји, посебно во Источна и Централна Европа, станаа демократски. Но како што деновиве истакнаа авторите на споменатиот извештај, со руската инвазија на Украина таа ера на демократизација е дефинитивно завршена. Тоа што се случува денес е очигледен и опасен доказ за таквите промени. Војните не се случуваат меѓу земји со високоразвиена демократија, туку се поттикнати од засилување на автократски тенденции. Демократскиот развој ја губи својата смисла со вперена цевка на челото на демократските институции.

Според индексот на мерливите демократски дострели, изработен од институтот „В-Дем“, земји со најразвиена демократија се наоѓаат во Европа, при што на самиот врв на ранг-листата вообичаено се скандинавските земји. Но и во самата ЕУ развојот во шест земји е означен во насока на засилување на автократијата. Тоа, се разбира, е загрижувачки тренд, имајќи предвид дека и во најблиското соседство на ЕУ се наоѓаат земји во кои демократските стандарди се на мошне ниски гранки.

Веќе лани истражувањата на шведскиот институт укажаа на најголем пад на демократскиот развој почнувајќи од 2010 година па наваму, а на минатогодишната ранг-листа на „В-Дем“, со која беа опфатени 45 европски земји, Македонија, класификувана во категоријата „изборна демократија“, се најде на 35-то место, веднаш зад Косово, но пред Албанија, Црна Гора, Босна и Србија. И во рамките на годинашното рангирање Македонија е повторно пласирана на 35-то место во истата категорија.

Индексот на „В-Дем“ се засновува на 250 различни индикатори во подолги временски периоди, а што им овозможува на истражувачките да ги следат трендовите во земји во кои постепено се демонтира демократијата. Таквиот развој во прва рака подразбира атакување на медиумските слободи, при што напоредно на тоа се потиснува и академскиот свет и граѓанското општество.

Потоа започнуваат напади со потценување и јавен презир на политичките противници, со цел да се зголеми поларизацијата и ширењето на дезинформации. Дури откако ќе се стигне доволно далеку со тоа, започнува атакот на јадрото на демократијата, што го сочинуваат слободните избори и демократските институции. Како посебно интересен пример за таков пристап се посочува Унгарија, каде што, впрочем, прибежиште како азилант најде Никола Груевски, откако се прослеви со својата „успешна“ демонтажа на скромните придобивки на младата македонска демократија.

Политичарите, како и медиумите, си играат со оган кога неконтролирано ги користат алатките за длабока поларизација на општетството, пред се со поддршка на тенденциозна критика, искривување на сликите на стварноста, клеветење и оцрнување,  и свесно спротивставување на групите. На поларизацијата во политичката дебата всушност би можело да се гледа и како на комуникациска алатка, која не прави некаква штета доколку се користи според етички принципи, но се разбира претставува „долевање на масло на огнот“ кога се користи исклучиво за засилување на веќе постоечките конфликти. Поделбата на предавници и патриоти, впрочем, јасно ги отсликува таквите состојби во македонското општетство, со нестабилно поставени и трошни демократски темели, чиј најдегутантен дел е несомнено партиско-политичката поларизација во сите општетсвени сегменти.

Да се надмине јазот во кој се гуши емпатијата и кој ги оддалечува позициите и интересите на граѓаните во општеството, е недвојбено значајна задача за политичките лидери кои својот мандат го црпат од гласовите на граѓаните на изборите, а не од интересите на сопствените партиски елити. Токму затоа, промените во општеството и спроведувањето на реформите се осудени на далеку поскромен успех доколку на вистински начин, бескомпромисно, не се пристапи кон задушување на демоназцијата и популистичкото оцрнување на политичкиот противник. Градење на единството во општетеството е можно само преку градење на инклузивно и недискриминаторско општество, кое ќе успее во напорите да се соочи со најголемиот предизвик кој е присутен пошироко во Европа, односно – заканите против демократијата.

Македонија, со своите растегливи форми на практикување на демократијата, е опкружена со земји од кои тешко може да извлече позитивен пример. Бугарија, која на листата на шведскиот институт е рангирана само неколку места пред Македонија, Грција, која во последните години се движи во авторитарна насока, и Србија и Албанија кои се рангирани како автократии. На Балканот за демократијата ништо ново.

 

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close