Демократиите не војуваат меѓусебно

Со едно „добро утро“ од Варшава, „Асошиеитед Прес“ ми ги испраќа редовните утрински вести во кои, денес, меѓу другото се вели: „НАТО става додатни воени сили на готовс и испраќа уште бродови и борбени авиони во Источна Европа, додека Русија продолжува да ги зголемува трупите на границата со Украина. Американскиот Стејт Департмент им наредил на сите семејства на американскиот персонал во амбасадата да ја напуштат земјата заради зголемен страв од руска инвазија“.

Ја читам веста и се враќам назад во времето.

Дали НАТО да се шири до границите на Русија, пополнувајќи го вакуумот кој се создаде со повлекување на руската моќ или зеднички со Русија да изгради безбедносна рамка за цела Европа?

Ова беше дилемата на конференцијата одржана на колеџот „Вилијам и Мери“ во Вирџинија во средината на деведесеттите на која присуствував како претставник на Македонија во ОН. Истакнати американски воени и политички претставници продефилираа на сцената на амфитеатрот, додека амбасадори на земјите на Источна Европа го чекаа својот момент да го земат микрофонот и да го направат своето пледоаје во прилог на зачленувањето на нивната држава во НАТО.

За нив НАТО беше осигурителната полиса дека нема повторно да потпаднат под руско влијание. Дебатата одеше во прилог на проширување. НАТО не е само воена организација, туку и сојуз на демократии, беше аргументацијата против заедничка безбедносна рамка со Русија, држава со длабоки автократски корени.

Во тоа време Русија беше на колена. Слики на превртени рѓосани бродови во руските пристаништа и онеспособени тенкови и друго оружје по гарнизоните, го обиколуваа светот. Државата имаше БНД колку една малечка Белгија, а народот живееше во голема беда.

„Нуклеарен Кувајт“ – ја нарекуваа земјата богата само со нуклеарни ракети. Сергеј Лавров, кој тогаш беше претставник на Русија во ОН и со кого седевме на редовните состаноци на групата земји од Источна Европа, со оваа реченица ми ја опиша трагичната состојба со армијата но и со неговата земја во целина.

Рече дека руските војници наместо да вежбаат садат компири за да се прехранат. Со доаѓањето на власт на Владимир Путин работите почнаа да се менуваат во земјата. Ослободувајќи ја економијата од власта на мафијата тој ги става под своја контрола олигарсите на кои им падна во скут огромно богатство по рушењето на државната економија.

Решавајќи ги внатрешните проблеми на земјата преку контрола одозгора, а не демократија, која, во Русија, наликуваше на анархија, Путин сè уште немаше моќ да се занимава со земјите на некогашното руско царство кои по распадот на Советскиот сојуз станаа независни држави.

Сега ја помагаме Русија да се крене економски на нозе, ќе напише Хенри Кисинџер тогаш, но мора да сме свесни дека кога земјата ќе се консолидира, таа ќе почне да ја проектира својата моќ кон соседите.

Додека сè уште имаше дилеми дали Русија ќе еволуира кон демократија, Путин, во ерата на Клинтон, срамежливо дури и ќе најави дека и неговата држава би можела, еден ден, да стане членка на НАТО. Но, наместо кон демократија, која ќе значеше и напуштање на власта после два мандати, Путин стана автократ кој контролира сè.

Почна со олигарсите кои дотогаш ја контролираа економијата, продолжи со востаниците кои ја контролираа Чеченија, за на крај да ги стави под своја контрола независните медиуми и малкуте организации за човекови права.

Постои согласност дека во првата декада на неговото владеење Путин направил доста добри работи во економијата и кревањето на стандардот на населението. Но, наместо кон демократија Путин, кој владее со Русија подолго од Сталин, изгради еден моќен автократски систем.

„Либерализмот е застарен“ ќе каже во едно интервју во 2019, отфрлајќи го западниот модел на либералната демократија, но и објавувајќи му војна на системот кој го загрозува неговото лично владеење. Мешањето во американските избори во прилог на Доналд Трамп и труењето на дисидентите беа методите на таа нова војна насочена кон дискредитацијата на демократските системи.

Штетата по демократскиот систем на првата република во светот САД е огромна: како последица и на руската манипулација со американските избирачи, голем дел од американското население и денес го оспорува легитимитетот на претседателот Џо Бајден.

Некогаш бевме сведоци на конфронтација помеѓу комунизмот и либералната демократија, денес во судир се автократските со демократските системи. Всушност, демократиите и автократиите се природни непријатели, како што демократиите меѓу себе се природни пријатели. Демократиите никогаш не војуваат меѓусебно затоа што ги поврзуваат исти вредности но и слободниот тек на економијата.

Дека автократските системи се опасност по светскиот мир заклучиле уште Черчил и Рузвелт на еден состанок во текот на Втората светска војна. Подемот на Хитлер, неговата тотална контрола врз германското општество, неприкосновената власт, неговата агресија чекор по чекор (Австрија, Чехословачка, Полска…), отсуството на координиран отпор од моќните западни сили, ги тераат Черчил и Рузвелт да заклучат дека во повоениот свет, борбата против автократиите мора да стане составен дел на борбата за мир.

Стравот на Западот денес е дека Путин како модерна верзија на некогашните автократи кои самите носат одлуки за војна и за мир, ќе го стави светот пред свршен чин со навлегување, по вторпат, во Украина.

Дали Америка веднаш ќе влезе директно во војна? Не, зашто, нуклеарна војна е рамно на самоубиство. Но со оружје и со санкции кон Русија ќе ја помага борбата на Украинците. Кој е вистинскиот страв на Путин? Дека ќе биде нападнат ако НАТО влезе во Украина и така Западот ќе ризикува нуклеарни ракетни удари врз Вашингтон, Њујорк, Париз или Лондон? Не. Вистинскиот страв на Путин е демократска и просперитетна Украина која со својот пример може да го собори од власт.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close