Демократски сојуз ќе присуствува на отворањето на Македонскиот клуб во Бугарија

Делегација од Демократски сојуз ќе присуствува на отворањето на Македонскиот културен клуб во Благоевград, Бугарија, потврдија денеска од партијата.

Отворањето на овој прв македонски културен клуб во Бугарија, велат од ДС, ќе биде добра основа за негување на културните особености на Македонците, како и подобрување на односите меѓу Македонија и Бугарија.

– Универзално демократско право претставува здружувањето, формирањето граѓански здруженија, културни центри, политички партии и други форми на меѓусебно поврзување, афирмирање на културните различности и меѓусебно почитување и разбирање, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.

Покана за присуство добил и претседателот на државата Стево Пендаровски, но како што известија од неговиот кабинет, поради претходно преземени обврски, претседателот нема да биде во можност лично да биде присутен во Благоевград, но, во негово име ќе присуствува генералниот секретар на Кабинетот на претседателот Миле Бошњаковски.

На отворањето на клубот присуство најавија и лидерите на опозициските Левица и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Апасиев и Христијан Мицкоски кој пак ќе биде придружуван од пратениците Рашела Мизрахи и Драган Ковачки.

Back to top button
Close