Демократски сојуз: Итно реформирање на системот за кризи

Последниот случај со спасувањето на премрзнато лице благодарение на индивидуалната пожртвуваност на еден лекар во прв план повторно ја исфрли на површина нефункционалноста на нашиот систем за кризен менаџмент и заштита и спасување, реагираат од Демократскиот сојуз.

„По кој знае којпат се покажа дека постоењето две паралелни институции – Центарот за управување со кризи, од една и Дирекцијата за заштита и спасување, од друга страна, претставуваат пречка во извршувањето на заштитните и спасувачките активности во итни случаи. Меѓу надлежностите на овие две институции постои законско поклопување, што во пракса создава дуализам, ривалите и нефункционалност“, посочуваат од оваа партија.

Демократскиот сојуз инсистира на итно реформирање на системот за кризи и создавање, како што велат, единствена институција која ќе го менаџира намалувањето на ризици од катастрофи.

Според нив, сегашната меѓувладина комисија за реформирање на овој сегмент мора да донесе предлог за формирање единствен државен орган кој ќе биде надлежен за реагирање во итни ситуации кога се загрозени човечки животи.

„Не смее да дозволи овој исклучително важен сегмент да биде заробен од интересите на политичките партии“, посочуваат од Демократскиот сојуз.

Реакцијата на ова партија следи откако вчера на социјалните мрежи излезе објава во која се раскажуваше за една неверојатна голгота, на неколку лица, меѓу кои и медицински персонал, во обидот да спасат овчар, од недостапен планински предел, опкован во снег.

Back to top button
Close