Демостат: Кај српските граѓани сè уште влијателна руската пропаганда –  веруваат дека руската агресија во Украина е оправдана

Една година по почетокот на војната во Украина, во Србија сè уште има многу силна „пропутинистичка“ и „антизападна“ пропаганда, поради што некои граѓани сè уште сметаат дека руската агресија во соседната земја е оправдана и легитимна, пишува истражувачкиот и издавачкиот центар Демостат.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Демостат наведува дека во Србија има забележлив раст на „антиукраински“ наратив, како и ширење на разни стереотипи, а тоа е особено забележливо по анексијата на Крим во 2014 година.

 

Според нив, лажните наративи за Украина се ширеле во српските медиуми и на социјалните мрежи уште пред Русија да ја нападне Украина на 24 февруари минатата година.

 

-Од тоа дека Украина извршила геноцид, до тврдењето дека нацизмот е широко распространет во украинската политика и општество поддржан од властите во Киев, се со цел да се глорифицира Русија и да се дискредитира Украина, пишува Демостат.

 

Истражувачкиот центар, во текстот наведува неколку факти за односот меѓу Србите и Украинците, кои, како што тврдат, се прикриваат бидејќи не одат во прилог на пропагандата насочена кон обликување на перцепцијата на граѓаните.

 

Тие наведуваат дека Украина е една од ретките европски земји кои не ја признаа независноста на Косово, што беше кажано веднаш по прогласувањето независност од тогашниот претседател Виктор Јанушченко, нагласувајќи дека оваа позиција се заснова на националните интереси на таа земја и меѓународните закон.

 

По барањето на одредени украински пратеници за признавање на независноста на Косово, украинскиот парламент се огради од тоа, а Амбасадата на Украина во Србија соопшти дека принципиелниот став на таа земја е добар познат во однос на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија.

 

Демостат наведува и дека Украина била меѓу првите, на 25 март 1999 година, која го осудила НАТО бомбардирањето на СР Југославија, кое започна еден ден претходно.

 

Бомбашкиот напад го осудија и тогашниот претседател на Украина Леонид Кучма, премиерот Валериј Пустовјотенко, како и претседателот на Парламентот.

 

Демостат пишува и дека Србија и Украина се „сојузници по губење на територија“, наведувајќи дека во февруари 2014 година Украина останала без Крим, за чие припојување кон Русија гласале 97 отсто од излезените жители на таа област во референдум.

Во текстот се додава и дека во операциите за ослободување на Белград и Србија од нацистичка Германија во 1944 година, учествувале силите на Третиот и Вториот украински фронт, во рамите на Црвената армија.

За време на офанзивата во Белград, според Демостат, единиците на Третиот и Вториот украински фронт, од кои 65 до 70 отсто биле Украинци, изгубиле повеќе од 18.000 луѓе.

 

Back to top button
Close