Ден на жалост во Португалија по трагедијата со еден од вагоните на трамвајот „Глорија“ во која загинаа 15 лица
Ден на национална жалост е прогласен денеска во Португалија откако најмалку 15 лица загинаа, а речиси 20 се повредени кога еден од двата вагони на познатиот трамвај „Глорија“, една од главните атракции на Лисабон вчера попладне излета од шините, пишуваат светските медиуми.

Портпаролот на службите за итни случаи изјави дека меѓу загинатите има и странски државјани, но не го соопшти идентитетот на жртвите, ниту нивната националност, односно државите чии граѓани се тие.
Најмалку 18 луѓе, меѓу кои е и едно дете, според португалските власти, се повредени во несреќата, од кои кај пет се констатирани сериозни повреди.
Јавните обвинители, како што пренесува „Гардијан“, веќе започнале истрага, која треба да ги утврди причините за трагедијата.
Од снимките на местото на настанот, може се види како жолто-белиот вагон од фуникуларот познат како „Елевадор да Глорија“, кој е превозно средство што се искачува и спушта по стрмен рид во центарот на Лисабон, заедно со уште еден кој оди во спротивна насока, лежи на страна во тесната улица по која поминува.
Страничните делови и горниот дел од вагонот се згмечени, откако, според извештаите, возилото удрило во зграда на место од каде шините по кои се движи наидуваат на свиок. И други делови од вагон, направени претежно од метал, се, исто така, згмечени.
Сведоци на трагичниот настан за локалните медиуми изјавиле дека трамвајот неконтролирано се спуштил по ридот и удрил во заградата.
„Ја удри зградата со голема сила и се распадна како картонска кутија“,изјавила Тереза д’Аво за португалскиот телевизиски канал СИЦ (SIC).
Друг сведок изјавил дека трамвајот се превртел врз човек кој во тие моменти стоел на тротоарот.
Причините за несреќата засега остануваат непознати.
Несреќата, како што беше соопштено синоќа, се случила околу 18 часот, на почетокот на вечерниот шпиц, а според службите за итни случаи, извлекувањето на жртвите од остатоците на трамвајот траело повеќе од два часа.
Синдикатот СИТРА, во објава на социјалните мрежи, соопшти дека еден од неговите членови го загубил животот во трагичниот настан.
„Ова е трагичен ден за нашиот град…Лисабон е во жалост, ова е трагичен, трагичен инцидент“ изјави за медиумите, градоначалникот на Лисабон, Карлос Моедас.
Владата на Португалија за денеска погласи ден на жалост во цела Португалија, додека во главниот град е прогласена тридневна жалост.
Во соопштението од канцеларијата на премиерот Луис Монтенегро се вели дека трагедијата донела тага на семејствата на настраданите и разочарување во земјата.
Полициските истражители извршиле увид на местото на настанот, а од канцеларијата на генералниот обвинител соопштиле дека и формално ќе биде отворена истрага, што е вообичаено кога станува збор за несреќи во јавниот превоз.
Претседателот на Португалија, Марсело Ребело де Соуза, соопшти дека е силно потресен од несреќата и изрази надеж дека властите наскоро ќе ги утврдат причините за излетувањето на трамвајот од шините.
Линијата на пополарниот трамвај „Глорија“ е отворена во 1885 година и е класифицирана како национален споменик. Тој ја поврзува ја поврзува централната област на Лисабон во близина на плоштадот „Рестаурадорес со „Баиро Алто“ (Горна четврт), позната по својот активен ноќен живот.
Станува збор за една од трите жичници што ги управува општинската компанија за јавен превоз „Карис“, а која покрај жителите на Лисабон, е една од главните атракции за бројните турсти кои го посетуваат главниот град на Португалија.
Од компанијата „Карис“, преку писмено соопштение, велат дека сите протоколи за одржување на трамвајот биле спроведени, вклучително и месечните и неделни програми за одржување, како и дневните инспекции.
Како што објавија локалните медиуми, градскот совет на Лисабон, по вчерашната несреќа го суспендирал работењето на другите трамваи во градот и наредил итни вонредни контроли.
Фуникуларот „Глорија“, според лисабонските власти, превезува околу три милиони луѓе годишно. Неговите два вагони, од кои секој посебно може да собере околу 40 лица, се прикачени за спротивните краеви на транспортен кабел чие влечење го овозможуваат електричните мотори на вагонитеВагонот кој во времето на несреќата бил во подножјето на ридот не е оштетен, но според видео снимено од очевидци, а емитувано на Си-ен-ен Португалија (CNN Portugal) силно се тресел кога другиот вагон излетал од шините, а неколу патници во паника скокнале од прозорците.
Сочувство до семејствата на жртвите изрази и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, која на платформата Икс напиша дека со голема тага ја примила веста за несреќата.
Шпанскиот премиер Педро Санчез на Икс напиша дека е потресен од ужасната несреќа, додека италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, напиша дека се сретнал со португалскиот министер за надворешни работи и ја изразил својата „солидарност со жртвите“.
Португалија, а особено Лисабон, доживеа туристички бум во изминатата деценија, со посетители кои во голем број го преплавуваа популарното централно подрачје во летните месеци.
Инаку, претходно популарниот трамвај излета од шините во мај 2018 година, но тогаш за среќа немаше превртени вагони и жртви. По овој инцидент, „Глорија“, не работеше еден месец.