Ден потоа

Оваа колумна ја пишувам ден по изборите кои се одржаа на 15 Јули, и конечните резултати се уште не се објавени, во однос на тоа која партија колку пратенички места освои во парламентот.

Годинава имаме и една нова партија во парламентот, а тоа е „Левица“. Добро е да се појавуваат нови политички субјекти. Но, со надеж дека тие ќе носат нови еманципирачки општествени ветришта. Им го честитам учеството во највисокиот одлучувачки орган, и им посакувам да бидат праведни и чесни како што ветуваат. Им посакувам да не станат дел од вообиаениот парламентарен конформизам и насилен дискурс и да се застапуваат вистински за она кое го ветуваат, да не останат на предизборните флоскули, и да ги бранат интересите на граѓаните а не сопствените, и да ги надминат националистичките дубиози. Ако ветуваат ралика ќе треба и да ја покажат. Би било добро да ја променат досегашната националистичка реторика која е доминантна и како што доликува на секоја лева партија да се застапуваат за плурални и прогресивни современи политики.
Но, поводот за оваа денешна колумна се коментарите помеѓу новинарот и политолог Љубиша Николовски и аналитичарот Александар Пандов кои заеднички ги анализираа изборите во студиото на Канал 5.

Ќе почнам по ред.
Настапот на Љубиша Николовски беше коректен и аналитички издржан од аспект дека националните ткива во државата се кинат и се создава омраза не меѓу луѓето, туку меѓу партиските следбеници. Господинот Пандов ми остави впечаток на витез кој отворено ја призна победата на противникот, па макар да е и со еден пратеник повеќе, што е за мене многу доблесно и по малку кажано на шала ТИПИЧНО ЗА НАС СКОПЈАНИТЕ.
Признавам дека размислувањата на Љубиша Николовски кај мене се од многу одамна присутни и очекував дека ќе се појави човек – обединител, не само на етникумите, туку на сите граѓани на Македонија.
За жал вокабуларот на врвните лидери на партиите преточен во зборови кои се тешки да се изговорат, а камоли да ги прифатиме, повторно беше присутен.
Не очекува многу жешко лето во преговори кој ќе состави нова Влада и длабоко сум убеден дека „Калето“ ќе биде инволвирано во составувањето на новата Влада.
Но, се поставува прашањето, колку стабилна Влада ќе имаме? И колку таа Влада ќе успее да го испорача ветеното, а за жал не верувам дека ќе испорача соодветно поради пандемијата која сеуште беснее во светот, па се поставува прашањето дали повторно не очекуваат предвремени парламентарни избори кои во основа нема да донесат ништо ново, а на економски план и те како ќе нанесат уште еден голем удар на земјата.
Настојувам да бидам рационален и честопати да излезам од клишеата кои владеат во демократските држави. Сакам да поттикнам една нова идеја за формирање на Влада од сите партии на парламентот, која ќе го носи името Влада на помирување, и која ќе ги одработи сите четири години.
Убеден сум дека многумина од вас кои сте политички задоени ваквата идеја ќе ви изгледа како утопија.
Не, драги мои читатели, тоа не е утопија, тоа е реалност со која сакам нашиот граѓанин и нашата држава, да созрее, да ја сфатиме суштината на демократијата, да го поттикнеме економскиот развој, и со заеднички сили да ја победиме пандемијата кој не знаеме колку долго ќе трае, како и да го донесеме судството на вистинскиот колосек.
Доколку имаме четири години мирен период на една ваква Влада на помирување, која ќе посвети особено внимание на економскиот развој, тогаш може да очекуваме дупло зголемен процент на пораст на бруто општествениот производ, што дирекно ќе се одрази на стандардот на граѓаните.
На крајот, да додадам, ако сите партии и нивните лидери се удираат во гради за доброто на Македонија, тогаш направете исчекор повеќе и откажете се од вашите лични интереси, во интерес на граѓаните и Македонија.
Почитувани мои, ова е само едно мое видување на реалноста во Република Македонија. Ако сакаме побрз економски развој, подобар стандард, подобро образование, подобро здравство, тогаш нештата се повеќе од јасни зошто го дадов горе наведениот предлог.

Трифун Костовски

Back to top button
Close