Ден за паметење

Почитувани читатели, сакам да споделам со  вас импресии од денот посветен на Свети Атанасиј, 31 јануари 2023 година.
Кога ќе ги срочам сите настани кои ги доживеав на овој прекрасен ден,  длабоко во душата го чувствувам како еден од најубавите денови во мојот живот во последните неколку децении.
Една од причините, зошто овој голем христијански , православен празник  ми значи, е што Свети Атансиј е длабоко вкоренет во нашето семејство како светец кој ни го чува здравјето.
На тој ден, јас и моите другари Цили, Брко, Ане и Дело придружени со вистинските брендови на популарната навивачка група „Комити”,  Куле и Бошко, заминавме на ручек во селото  Глуво- Скопско, по повод селската слава Свети Атанасиј. Самата црква, стокмена на ридот од  селото, доминираше со својата убавина во сиот раскош кој го нуди подножјето на планината Скопска Црна Гора. На патот до селото мораше да поминеме низ Шуто Оризари. Многу бев изненаден колку динамично се живее во оваа скопска општина. Импресиониран од животот во оваа општина, особено од главната улица со наредени дуќани каде се продаваше ,,од игла до локомотива” по  поволни цени, ја нареков „Кертнер Штрасе”.
Во селото Глуво во самите карпи над црквата нѐ пречека како добредојде врежан натпис, типично  за Холивуд,. Си големи букви пишуваше Глувовуд. Секако, тоа беше и симболиката на еден  здрав хумор, кој го имаат жителите на ова прекрасно село.
Домаќини ни беа Јоцо и Стап, два лика кои се општо познати не само во селото, туку и во цело Скопје. При самото поклонување во црквата се запознавме  со селскиот одбор на црквата и писарот кој доби задача да ни најде место во трпезаријата, да нѐ смести и нагости.
Трпезаријата беше огромна, собираше  неколку стотици жители од селото и гости од надвор, кои удобно седнати го дегустираа вкусниот грав и компир манџа , во кои  воопшто не се штедеше на  месо. Ракијата одеше  со салата од зелка и компир и ѝ даваа посебен шмек на трпезата. Музичарите,  трубачи, ги свиреа најубавите песни кои особено во овие моменти на лоши односи со соседна Бугарија, ни го воздигнуваа чувството за нашата македонска посебност.  По ручекот во  црквата се симнавме  да го продолжиме второто полувреме со ручек во кафеаната кај газда Јоцо. Трпеза полна со автентично домашна храна,  на рака сукани и печени пити од праз, зелка, сирење и месо,  на сити стомаци повторно   отвораа апетит.
Популарниот Зоки, професионален музичар, го направи  прекрасен кафеанскиот амбиент каде одекнуваше песна од нашето заедничко пеење.
Откако заминавме од селото Глуво, следеа уште три прекрасни настани. Најнапред ќе ви го доловам настанот со семејството на Ребека и Мики Ристески, нивните три сина Маркијан и близнаците Макариј и Доротеј, беа централна тема на оваа куса, но емотивна  средба. Доротеј, кој веќе активно учи да свири гитара, нѐ почасти со една негова изведба, а јас го подучив како да ги пее песните „Трла баба лан” и „Ми смо дечки”. Секако содржините на овие песни не заслужуваат простор во овој текст , ама забавата беше многу пријатна. На заминување им го предложив следното: Макариј и Доротеј да бидат бендот со нивната мајка Ребека, која со децении е присутна на музичката сцена во Македонија,  со име „Ребека енд санс„ а додека Маркијан кој е најголемиот вљубеник во музиката ќе биде промотор на вистинските забави. Секако, сопругот Мики се пронајде во улога на менаџер.
После оваа кратка , ама многу убава средба со семејството Ристески, заминав во МАНУ на доделување на наградата ,,Андреј Дамјанов” на почитуваната професорка Зорица Блажевска за животно дело во областа на архитектурата и градителството.
Асоцијацијата на архитекти во Република Македонија е најстара организирана асоцијација, која секоја година без исклучок ја доделува оваа престижна награда. Како почесен член, ја имав таа привилегија да се дружам со архитектите кои се дел од оваа асоцијација и заклучив дека нивната професионална обврска е сериозен предизвик кој остава длабоки траги во нашето севкупно живеење.
Професорите Бакалчев, Коробар, Хаџипуља и сегашниот претседател на оваа асоцијација проф. Мишко Ралев, беа прекрасни домаќини. Дружењето со нив продолжи со коктел забава, организирана по овој повод, а на целата манифестација домаќин беше МАНУ.
После овој настан,  заминав во винаријата Камник на прослава кај мојата ќерка Олга , која секоја година го чествува овој голем празник. Дружењето со прекрасните пријатели на мојата ќерка Олга беше врв на настаните што никогаш нема да ги заборавам. Искрен и срдечен дочек, прекрасно аранжирана вкусна храна и сортни пијалаци и секако музиката како неизбежна уметност за сите сетила.
Крај  мене беа мојата ќерка Олга, мојот син Коста, мојот син Филип, мојата снаа Ана и мојата идна снаа и идна сопруга на Филип, Софија. Радост до бескрај. Музичките имиња Тања Кочовска и Маја Панчева, дадоа посебен печат со своите интерпретации и прекрасни вокали. После долги години и јас танцував со сите присутни, пиејќи вино, со пура врака. Времето ми одмина како во сон.
Да, почитувани читатели, верувам дека и многумина од вас имале слични и убави моменти во животот, меѓутоа човечки е да се потсетиме на нив, само со една цел, да разбереме дека животот е  убав токму во оние мали, секојдневни  нешта кои од нас прават задоволни луѓе.
Трифун Костовски

Back to top button
Close