Денаркотизација на Северна Македонија – за декартелизација на политичко Скопје

Автор Ivon Velichkovski 

На територијата на 🇲🇰, пресметката со државно спонзорираното/толерираното производство и шверц со наркотици во ХХ век е драстична во два наврати: 1930-тите и потоа 1960-тите години.
Првиот пат прекинат е шверцот на хероинот, а вториот пат се искоренува афионот како суровина на дрогата што под контрола на Белград се дистрибуира глобално.
Во обата случаи причина е притисокот на 🇺🇸.
Историско е и искуството дека контролата на производството и шверцот со наркотици е еден од основните извори на “вонбуџетски” средства на службите. Тие служби во спрега со политичките раководства и со тие пари ги градат и покриваат олигархиско-картелските врски како извор на моќта.
Ова е кусото објаснување зошто во медиумите на македонски јазик вестите за заплената на 5 тони марихуана во 🇷🇸 и особено на над 40 тони во 🇲🇰 не се баш “ударни”. Иако ова е историски најголема заплена на количина на марихуана во светот, а количината не е конечна.
Затоа што е јасно дека домашните служби не ја водат операцијата ниту во 🇲🇰 ниту во 🇷🇸, исто како што традиционалните партии во обете земји и од власта и од опозицијата и особено во 🇲🇰 – се затечени.
Што значи дека кај нас политичко Скопје ја насети “опасноста” од прекин на политичкиот картел на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и тековно бара начин за санација на штетата.
И бегање од одговорноста за тоа дали и како безбедносните органи ги штителе нелегалното производство и шверц на психотропни супстанци низ нивното свесно негледање и несанкционирање.
Ова ја потврди констатацијата за која многумина не’ осудуваа кога #НоваРепублика констатираше дека падот на Владата на Заев беше безбедносна операција.
Истото го очекувам за оценката дека кадровската внатрепартиска рокада на Мицкоски е дефанзивна операција пред непознаницата на Скопје бидејќи (и) Белград е во магла.
Бидејќи сето ова само го доотвори прашањето колку длабоко и долго ваквиот македонски партиски картел е покровител на производство и шверц на марихуана: во мандат на најмалку двајца министри за внатрешни и повеќе од двајца директори на АНБ и министри за здравство.
Дека станува збор за огромни пари е јасно според:
❗️историската количина на запленета марихуана;
❗️незаинтересираноста и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ (и до и по 2024) да го донесат Законот за регулирање на работењето со криптовалути, и особено
❗️одржувањето на градежниот балон преку кој Македонецот со просечна плата добива доживотен кредит за гарсониера во Скопје, а нарко-мафијата испрани нелегални пари.
Но, ако нелегалната марихуана ја наполни 🇲🇰 со хациенди и најмногу луксузни возила по глава на жител, а запленетите количини се доволни да го покријат годишниот буџет за одбраната на земјата – колку илјади луѓе се поврзани со овој нелегален бизнис?
Голем дел од легалните компании очигледно се само покритие.
Понатаму, колкава количина била пласирана со години на нелегалниот пазар?
И што се било финансирано со нелегалните приходи? На пример избори, но и нелегални влијанија во 🇲🇰, соседството, пошироко?
Ботовите и малигните обиди за промена на изборната волја и кај нас и во соседството се позната тема. Во поширокиот регион последен таков пример беше 🇲🇩, каде и покрај се не беше инсталирано проруско раководство.
Во таа смисла, етапите ⚠️ рушење на “венецуелската врска” на Балканот и
⚠️ истиснување на 🇷🇺 од “НИС” – сосем го објаснуваат тајмингот на заплената на историската количина марихуана во 🇷🇸 и пред се во 🇲🇰.
Ако временската близина на заплената со априлските избори во 🇭🇺 звучи прешпекулативно… останува факт дека барањето “идентитетски гаранции” за уставните амандмани е само покритие за спречување на преговорите со 🇪🇺.
Затоа што владеењето на правото е првото поглавје со кое ги започнуваме преговорите.
А земја во која владее партиски картел вмрежен со нарко-мафијата не е земја во која владее правото.
П.С. Сетете се колку медиумите пред неколку години известуваа за уништувањето на површини со насадена марихуана во Лазарат. 🇦🇱 за пар години е во 🇪🇺.
И споредете колку денес истите медиуми молчат за скопските, струмичките и другите лиценцирани и нелиценцирани “лазарати”.

Back to top button
Close