Дендиас: Албанија и Северна Македонија овој месец да ги почнат преговорите со ЕУ

Силно го поддржуваме одржувањето на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, што е можно поскоро, идеално овој месец, порача министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас по средбата во Приштина со шефицата на косовската дипломатија Доника Грвала-Шварц, јави дописничката на МИА од Атина.

-Грција континуирано, веќе две децении, се залага за ЕУ интеграција на Западен Балкан. Владата на премиерот Мицотакис останува цврсто приврзана кон оваа обврска. И презедовме неколку иницијативи во врска со ова. Ние силно го поддржуваме одржувањето на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, што е можно поскоро. Идеално овој месец, истакна Дендиас.

Додаде дека Грција уверила дека Западен Балкан останува високо на агендата на ЕУ, а тоа го прават, не од интерес, туку од „цврсто верување дека регионот треба да биде составен дел од европскиот експеримент” и „Западен Балкан припаѓа на Европа и треба да биде составен дел од ЕУ”.

Шефот на грчката дипломатија се задржа и на можностите за енергетската соработка во регионот и изрази уверување дека „целиот Западен Балкан, преку интерконектори треба да биде поврзан со Транс-јадранскиот гасовод (ТАП)”.

Back to top button
Close